Иако во изминатите години беше поврзувана со неколку мажи, актерката речиси никогаш јавно не зборуваше за својот љубовен живот – сѐ досега. Во интервју за „Yahoo Entertainment“, додека го промовираше својот нов филм „Couture“, Анџелина Џоли откри дека веќе една деценија не излегува на состаноци.
„Да бидам искрена, не сум излегла на состанок откако се разведов пред десет години“, изјави таа.
„Некако во мојата глава тој дел од мене веќе не е во центарот на мојот живот, бидејќи сум посветена на моите деца и на моето семејство.“
Сега, на 51-годишна возраст, Џоли вели дека почнува поинаку да гледа на животот, по сите тешкотии што ги поминала и кои, како што признава, малку ја „скршиле“.
„Да, работите се менуваат, но не на начинот на кој очекував. Не се чувствувам како да имам 51 година и да размислувам дека стареам. Размислувам дека морам повторно да почнам да живеам. Повторно да бидам слободна. На некој начин, животот малку ме скрши“, изјави таа.
Додека Џоли е сама по разделбата, нејзиниот поранешен сопруг Бред Пит од 2022 година е во врска со Инес де Рамон. Разводот на Џоли и Пит се претвори во долготрајна и тешка правна битка што траеше осум години и конечно заврши минатата година.
Поранешниот холивудски пар се раздели во 2016 година, по две години брак и вкупно 11 години заеднички живот, а разводот официјално беше финализиран во 2024 година. По разводот, извор близок до актерката изјави дека таа не брза повторно да влезе во сериозна врска.
„По сè што помина со Бред, многу тешко им верува на мажите. Не се откажала од љубовта, но во моментов не бара ништо сериозно“, открил изворот.
Друг извор додал дека ѕвездата од „Maleficent“ не верува дека некогаш целосно ќе ја надмине траумата од врската со Пит и дека засега не е подготвена за нова љубов. Анџелина Џоли и Бред Пит имаат шест деца – три биолошки: Шајло (20) и близнаците Нокс и Вивиен (17), како и три посвоени: Медокс (24), Пакс (22) и Захара (21).
Извор близок до Џоли претходно го опиша разводот како вистински кошмар за неа и за нејзиното семејство.
„Последните осум години беа ужасно тежок период за неа и за целото семејство“, изјавил извор за списанието People.
Од друга страна, извор близок до Бред Пит ги оспори тврдењата на Џоли, наведувајќи дека таа во изминатите осум години водела еднострани напади и постојано ги искривувала фактите, нанесувајќи штета и на луѓето околу семејството.
Поранешниот славен пар, познат низ светот како „Бранџелина“, конечно ја потпиша документацијата за развод во декември 2024 година.
Адвокатот на Џоли, Џејмс Сајмон, тогаш изјави дека актерката чувствува големо олеснување што конечно го затворила тоа животно поглавје.
„Искрено, Анџелина е исцрпена. Пред повеќе од осум години таа поднесе барање за развод од господинот Пит. Таа и децата ги напуштија сите заеднички имоти и оттогаш целосно се посветени на тоа да најдат мир и да го обноват својот семеен живот“, изјави Сајмон.

