Франција уште еднаш покажа дека е најголем фаворит за титулата

1.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Франција уште еднаш покажа дека е најголем фаворит за титулата

Се одиграа уште три натпревари од 1/16 финалето на Мундијалот. Во изминатиот натпреварувачки ден Норвешка ја победи Брегот на Слоновата Коска со 2:1, Франција блескаше против Шведска со 3:0 а Мексико го победи Еквадор со 2:0. Победниците на овие мечеви се пласираа во 1/8 финалето.

Наш денешен гостин во “Коментар на денот“ е Артим Шаќири.

-Норвешка во еден интересен дуел славеше против БСК…

Да, интересен меч во кој на крајот се радуваа Халанд и другарите. И пред мечот се знаеше дека ќе биде 50-50 со оглед на тоа дека селекцијата на Брегот на Слоновата Коска поседува и тоа каков квалитет. Одигра навистина добро, но ете, одлучи тој гол на Халанд за 2:1, за победа. Да, победничкиот гол беше дело на овој екстра напаѓач ,но заслугите одат кај асистентот кој на Халанд му овозможи само рутинска завршница. Не беше лесно за Норвешка, но на крајот може да се каже дека заслужено оди натаму. Сега следува дуел со Бразил. Според мене на овој меч Норвежаните и тоа како имаат шанси, посебно ако Бразил не успее да го подигне своето ниво. Во Норвешка не е само Халанд, тие како репрезентација се одлични, одлично избалансирани, средниот ред е брз и постојано работи, има повеќе решенија и креативност и мене нема да ме изненади ако Норвешка го мине Бразил. Во секој случај тоа ќе биде супер дуел за гледање“.

-Франција уште еднаш покажа сила…

Сега веќе и дефинитивно можам да кажам дека оваа Франција е најголем фаворит за титулата. Имаат се што треба на крајот да го подигнат пехарот. Секоја чест за Мбапе, за Олисе, за Дембеле и за останатите во нападот, но секоја чест и за средниот ред. Јасно е дека без него, без тие топки по хоризонтала и вертикала до нападот и Мбапе и останатите не би можеле да постигнуваат голови. Импонира тоа што го работи стручниот штаб на чело со Дидие Дешамп. Вистинска мајсторија е такви ѕвезди да вклопиш во една целина и таа да биде навистина екстра. Нема тука “големи“ и “мали“, од она што може да се види сите тие функционираат како едно. Се гледа дека имаат и фантасична атмосфера, се радуваат како мали деца на секој гол, без разлика кој ќе го постигне. Егата и суетите се на страна и тоа според мене е најважно, а кога е така тогаш Франција е екстра. Сакам да споменам и тоа што Дешамп му пронајде место на Олисе како „пакер“ и овој враќа со фантастични асистенции. Нема да биде лесно со Парагвај во 1/8 финалето, ама се знае каде е квалитетот. Тука нема дилеми“.

-Мексико си победува…

Имаат добар тим, искусен кој знае како треба. Го победија Еквадор ама допрва доаѓа она вистинското за нив, посебно ако Англија слави над ДР Конго и таа ќе биде ривал на Мексико во 1/8 финалето. Што се однесува до листата на стрелците сега Мбапе го стигна Меси, и двајцата имаат по шест голови, тука е Халанд со пет, има и други. Според мене најдобар стрелец ќе биде оној кој со својата репрезентација ќе одигра најмногу натпревари на ова СП, барем ќе биде во предност во тој поглед, а конкуренцијата е жестока“ заврши Шаќири.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата