Како социјалните мрежи влијаат на појавата на депресија кај тинејџерите?

7.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Како социјалните мрежи влијаат на појавата на депресија кај тинејџерите?

Депресијата се јавува почесто во средини со повисоко ниво на цивилизација, а динамичниот начин на живот, императивот за користење и подобрување на новите технологии бара побрзо и пофлексибилно прилагодување на поединецот и разумно балансирање помеѓу реалниот и дигиталниот свет. Ова кај тинејџерите може да биде голем товар и причина за бегство во виртуелниот свет.

Затоа психолозите сè почесто препорачуваат деца на возраст под 14 години да не ги користат социјалните медиуми. 

Тинејџерки под напад

Социјалните медиуми можат да бидат корисни ако се користат умерено и со цел, со постојано напомена на децата дека не мора сè што се случува таму да биде реално. Ваквата перцепција од страна на тинејџерите може да биде проблематична и затоа не е ни чудно што прекумерното време што децата го поминуваат на социјалните мрежи е една од важните причини за развој на депресивни состојби.

Истражувањата покажуваат дека депресијата се јавува почесто кај девојчиња отколку кај момчиња.

Психолозите истакнуваат дека социјалните мрежи често испраќаат погрешна порака за тоа како би требало да се живее, каква облека е пожелно да се носи, се објавуваат фотографии кои даваат искривена и честопати неприродна идеална естетска слика. Се објавуваат статуси што покажуваат што е потребно за квази-среќен живот, се инсистира на забави, патувања, одење во скапи ресторани, се сугерираат и се пласираат како пожелни одредени модни брендови кои агресивно се рекламираат на социјалните медиуми.

Сето ова кај тинејџерите, кај емоционално незрелата популација поттикнува потреба да создадат лажна слика за нивниот живот, очекувајќи при тоа реакции преку лајкови, восхит, позитивни коментари, а доколку замислениот задоволителен број изостане, се јавува чувство на тага, незадоволство, губење на самодовербата и повлекување, што е бавен, но сигурен пат до депресија.

Според некои истражувања, за најпопуларна, но и најопасна социјална мрежа важи Инстаграм, а потоа следи Snapchat и Тикток.

Колку социјалните мрежи може да бидат опасни говори и тоа што на социјалната мрежа Инстаграм постоеше група во која се поставуваа фотографии од тинејџери кои не ги исполнуваат стандардите на маркирана облека, а покрај тоа следува и потсмев што води до чувство на незадоволство и неприпадност на одредена „популарна“ групација.

Чувство на изолација и осаменост

Употребата на социјалните мрежи само по себе ја зголемува изолацијата и води кон физичка осаменост во која корисникот си е доволен сам на себе со своите „пријатели“ на мрежата.

Психолозите предупредуваат дека овој факт е само врв од ледениот брег, бидејќи за вистинска поврзаност, на сите луѓе, а особено на децата и тинејџерите, е потребна интеракција „лице в лице“, тоа го зачувува менталното здравје и ја потврдува личноста како социјално битие. Познато е дека најдобриот лек за симптомите на депресија и анксиозност е личниот контакт со луѓе кои ни значат и на кои им значиме,  бидејќи така се развива доверба и сигурност

Разговор, следење на содржини и ограничување на пристапот до мрежи

Сепак, семејните терапевти и психолози советуваат деца пред 14 г. да не користат социјални мрежи бидејќи не се доволно ментално зрели за ваков предизвик. Тие препорачуваат родителите да ги следат содржините што ги користи детето, да разговараат со него, да ги предупредат за бројните замки на социјалните мрежи, но и да ги истакнат добрите страни, како што се контакт со роднини и пријатели од странство, на пример, и споделување едукативни содржини. Исто така е важно да се ограничи времето поминато на социјалните мрежи бидејќи истражувањата покажуваат дека тинејџерите кои користат дигитални уреди повеќе од пет часа на ден имаат за 70 % поголем ризик од самоубиство, што секогаш произлегува од депресија и чувство на незадоволство.

Доколку забележите повлекување во себе кај вашето дете, раздразливост, чести промени во расположението што траат повеќе од една недела континуирано, треба да побарате стручен совет и помош.

Родителите, за жал, некогаш доцна стануваат свесни за фактот дека претераното користење Интернет и мрежи не само што го довело детето до депресија туку и создало зависност.

Во ситуација кога родителите не можат со договор да го ограничат времето поминато на социјалните мрежи, тие се принудени да го блокираат пристапот до одредена содржина, мрежи или да го ограничат времето. Сепак, ова е само привремено решение и бара и отворен разговор и, по можност, консултација со психотерапевт.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата