Крај на примирјето: Ескалира војната меѓу САД и Иран со жестоки напади и жртви

10.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Крај на примирјето: Ескалира војната меѓу САД и Иран со жестоки напади и жртви

Неколку часа откако шефот на Белата куќа, Доналд Трамп, објави дека, според него, примирјето со Техеран е „завршено“, американските сили започнаа нови напади врз Иран. Како одговор, Техеран соопшти дека нападнал американски објекти во Кувајт, Бахреин и Катар, а подоцна во четвртокот соопшти и за нови удари по цели во Кувајт, Јордан и Ирак.

Централната команда (CENTCOM) соопшти дека целта на бомбардирањата биле да се ослаби Иран да го загрозува бродскиот сообраќај во Ормутскиот теснец. Според извештаите, погодени се повеќе од 90 цели, вклучувајќи системи за воздушна одбрана, ракетни бази и логистичка инфраструктура. Иранското Министерство за здравство соопшти дека во нападите во изминатите два дена загинале 14 лица, а 78 се повредени, од кои околу 50 се хоспитализирани.

Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека договорот со Иран бил јасен – доколку продолжат нападите врз бродовите во Ормунскиот Теснец, САД ќе одговорат со силен воен одговор.

Еве го базичниот договор на кој се согласивме. Ќе ги кренеме санкциите кон вас доколку престанете да ги таргетирате и уништувате бродовите. Но ако уништите брод, ние ќе возвратиме жестоко, пожестоко од било кога. Тоа беше договорот. Тие рекоа ќе престанат да уништуваат бродови. И знаете што се случи во изминатите 24 часа? Тие повторно започнаа да уништуваат бродови. Беа добри и добро се однесуваа една недела, и повторно почнаа да бомбардираат бродови. Договорот е едноставен. Ако уништат брод, ние ќе возвратиме жестоко кон нив и ќе ги унишиме. Тоа е договорот едноставен и така ќе одговориме ние – посочи Џеј Ди Венс.

Илјадници поддржувачи на Хезболах облечени во црно се собраа во јужните предградија на Бејрут, мавтајќи со знамиња на Хезболах и ирански знамиња, изразувајќи лојалност кон покојниот врховен водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи.

Му се заколнавме на нашиот врховен лидер Хамнеи, дека нашето достоинство и чест ќе останат недопрени. Ќе го продолжиме патот, без оглед какви отстапки и пожртвувања треба да направиме. Ќе ја продолжиме нашата мисија и ќе ги продолжиме нашите заклетви кои ги дадовме на врховниот лидер – изјави  Јасер Џабер.

Преговорите меѓу Иран и САД се одложени до завршувањето на повеќедневните погребни церемонии за ајатолахот Али Хамнеи, врховниот лидер кој беше убиен на првиот ден од војната. Се очекува разговорите да продолжат утре во Исламабад.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата