Мундијалот продолжува со несмален интензитет. Се одиграа уште четири меча од 2.коло во групната фаза и имаше навистина интересни резултати, па и мечеви, кои нашиот коментатор Мирсад Јонуз ќе ги анализира во “Коментар на денот“.
Потсетување на резултатите. Шпанија славеше со С.Арабија со 4:0, Белгија и Иран одиграа 0:0, Уругвај и З.Острови ремизираа 2:2 а Египет беше убедлив со Нов Зеланд со 3:1.
-Шпанија полека се “загрева“…
“Да, очекувано. Ако на првиот меч против З.Острови одигра без голови, сега против С.Арабија видовме едно сосема поинакво издание на европскиот првак. Рано водство, добра игра, и потоа беше прашање само со колкава разлика ќе слави. Иако не се уште на она потребно ниво, сепак Јамал и другарите полека се “загреваат“, сакаат да одат до крај, па така допрва ќе јавидиме силата на Шпанија. Се е полесно кога ќе се влезе во еден натпревар сериозно и максимално ангажирано“ посочи Јонуз.
-Белгија повторно не победи, Иран покажа неверојатна храброст и борбеност…
“Не велам дека имаат слаба селекција, ама не е таа Белгија од пред една деценија. Оваа генерација е веќе на залез, се гледа дека нешто им недостига, ни селекторот Руди Гарсија не е нешто посебно. Посебно ако не ти игра еден Доку. Јас не знам зошто не беше во тимот, дали поради болест или поради породување на сопругата, како што се шпекулираше. Јас да сум на местото на селекторот на Белгија нема да го пуштам, но тие си знаат. Кога јас бев член на Сутјеска пред повеќедецении, и мојата сопруга се породуваше, тогаш тренерот не ме пушти. Правам една компарација. За Иранците секоја чест, едно големо браво. И покрај тоа што се во ваква ситуација, играат за себе, за својот народ, својата земја. Гордо ги бранат боите на својата земја и селекција. Тоа е стара древна цивилизација и боли тоа што им се прави на овој Мундијал. Да кажам и тоа дека во 2005 година бевме со еден мешан состав на репрезентацијата на Македонија во Иран и таму победивме со 1:2. Тогашен селектор им беше Хрватот Иванковиќ, а играше и еден Али Даеи. Овој Иран игра по малку и од инает и нема да биде изненадување ако оди во втората фаза“.
-Сензацинално, ама Зеленортските Острови не се поразени и на вториот меч и повторно против некогашен светски првак..
“Браво, што друго да се каже. Уругвајците овој меч мораше да го добијат ако сакаат да се пласираат во групната фаза, ако се знае дека во последниот меч играат со Шпанија. Имаа водство од 2:1, но ете аутсајдерот не се предаде и на крајот успеа да дојде до бод. Да, секако дека е сензација да играш против Шпанија и Уругвај, два гиганти во светскиот фудбал и да дојдеш до две ремија, затоа велам браво за симпатичната селекција на Зеленортски Острови која ако ја победи С.Арабија секако дека ќе оди во групната фаза што би било чудо“.
-Египет рутински против Нов Зеланд…
“Нема тука дилеми каде е квалитетот. И на првиот меч Салах и другарите покажаа сила, знаат што сакаат а имаат и добар, силен состав. Иако противникот поведе, следуваа три гола и проблемот беше решен. Кога сме кај пласманот во групната фаза очекувам една голема репрезентација непријатно да изненади, да не се пласира во нокаут – фазата. Пред се мислам на Португалија, но ајде да видиме“ заклучи Јонуз.

