НА хартија, групната фаза на Светското првенство 2026 изгледаше како да ќе ѝ недостига неизвесност. На крајот на краиштата, кога 32 од 48 репрезентации поминуваат во нокаут фазата, потешко е да испаднеш отколку да продолжиш понатаму. Сепак, како што се привршува второто коло натпревари, навивачите дури сега почнуваат да го сфаќаат вистинското влијание на двете клучни промени во правилата, пишува BBC.
Ова е прво Светско првенство на кое како примарен критериум за рангирање на екипите со ист број бодови се користи меѓусебниот скор наместо гол-разликата. Втората новина е тоа што, за првпат од 1994 година, повторно се користи табела на третопласирани екипи за пополнување на преостанатите осум места во осминафиналето.
Меѓусебниот скор значи дека репрезентациите можат или да го обезбедат првото место или да испаднат уште по две одиграни натпревари. Тоа веќе се случи со неколку селекции кои во третото коло немаат за што да играат. На пример, Аргентина има шест бода и не може да биде стигната на врвот на групата Ј, бидејќи ги победи Австрија и Алжир – двете селекции кои имаат по три бода.
Од друга страна, Јордан со нула бодови веќе е елиминиран, бидејќи загуби од истите тие противници. Доколку се применуваше старото правило со гол-разлика, сите екипи во таа група ќе имаа за што да одлучуваат во последното коло.
Зошто ова СП е поразлично од Европското?
Користењето на меѓусебниот скор не е новост – УЕФА го преферира во сите свои натпреварувања, бидејќи се смета дека подобро го одразува директниот дуел меѓу екипите, елиминирајќи го влијанието на евентуално високи победи или порази против други противници што можат да ја искриват гол-разликата. Иако Европското првенство има двојно помал број екипи, од 2016 година го користи истиот формат со пласман на дел од третопласираните.
Се поставува прашањето како репрезентациите кои веќе го обезбедиле првото место во групата ќе пристапат кон последните натпревари. Во ваков згуснат распоред, искушението да се одморат клучните играчи ќе биде големо. Тоа би можело да биде случај и со Лионел Меси, кој во среда го слави својот 39. роденден, иако истовремено ја брка и Златната копачка со веќе постигнати пет голови.
Последиците веќе ги видовме. На ЕП 2024, Португалија по две победи ја обезбеди групата, па селекторот Роберто Мартинез за третата средба против Грузија смени осум играчи. Грузија победи со 2:0, се пласираше во осминафинале како трета, а Унгарија испадна.
Слично сценарио може да се повтори и тука. Курасао и Брегот на Слоновата Коска загубија од Германија во нејзин најсилен состав. Еквадор, кој во четврток мора да победи за пласман, сега би можел да се соочи со значително ославена Германија, што изгледа неправедно не само кон првите две екипи, туку и кон останатите кои се борат за третото место.
Нерамноправна битка за третото место
Борбата за едно од осумте места што водат понатаму од третата позиција е далеку од фер. Екипите што играат подоцна во неделата точно знаат каков резултат им е потребен. Можат да играат на нерешено, па дури и да калкулираат со минимален пораз поради гол-разликата.
Замките на пораното играње најдобро се гледаат на примерот на Шкотска. Тие не само што играат против Бразил во среда во 23 часот, туку се натпреваруваат со уште 37 репрезентации кои би можеле да завршат трети. Тимот на Стив Кларк има три бода и сигурно е најмалку трет. Победа или реми ги води понатаму, но тежок пораз може да ги испрати дома. Ако загубат, Шкотите ќе чекаат неизвесно, потенцијално до недела наутро, за да видат дали ќе бидат меѓу осумте најдобри третопласирани.
Влијанието на ваквиот систем е уште поголемо на овој турнир, бидејќи нема ден одмор пред нокаут фазата. Така, Шкотска би можела да се соочи со Германија во Бостон во понеделник, само околу 40 часа откако ќе дознае дека поминала понатаму.
Веќе виден скандал
Постои и опасност од договорени резултати. Да се потсетиме, пишува BBC, на скандалот од Светското првенство 1982 година, кога победата на Западна Германија над Австрија од 1:0 го елиминира Алжир, а двете европски селекции ги однесе понатаму. Иако денес последните натпревари се играат во исто време, тоа не ја елиминира можноста за калкулации.
На ова првенство има интересна совпадност. Последниот натпревар во групата Ј е Алжир – Австрија. Двете селекции имаат по три бода и до сабота ќе знаат дали нерешен резултат им носи пласман. Истата ситуација се нуди и во групата Д, каде Австралија и Парагвај, кои исто така имаат по три бода, би можеле да имаат корист од реми.
Сличен инцидент се случи и на Европското првенство 2004, а многу Италијанци и денес веруваат дека Шведска и Данска го наместиле резултатот. Натпреварот заврши 2:2 – единствен исход што ги носеше двете скандинавски селекции понатаму, а Италија ја испраќаше дома.
Системот очигледно создава ситуација во која подоцнежниот термин носи јасна предност. Секако, Шкотска може едноставно да победи или да одигра нерешено против Бразил и сама да ги реши сите дилеми. Судбината сè уште е во нивни раце, се заклучува.

