Инфатино најави промени кои за Македонија ќе бидат полн погодок!

13.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Инфатино најави промени кои за Македонија ќе бидат полн погодок!
фото: El Comentario (X)

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино изјави дека по завршувањето на Светското првенство во 2026 година ќе се разгледа можноста за дополнително проширување на бројот на учесници на завршниот турнир.

Годинешното Светско првенство во Канада, Мексико и САД за првпат собра 48 репрезентации, одлука која предизвика многу критики пред почетокот на турнирот, но за неа речиси и не се зборуваше по почетокот на натпреварувањето на 11 јуни.

„Сето тоа се прашања кои ќе ги разгледаме по Светското првенство“, изјави Инфантино за швајцарската телевизија „Блу спорт“.

Првиот човек на ФИФА не сакаше да зборува за детали, но истакна дека целта на организацијата на Мундијалот е да му биде достапно на целиот свет.

„Важно е, кога го организирате Светското првенство, тоа да го правите за целиот свет, не само за Европа и Јужна Америка, туку за сите континенти. Секоја земја треба да има право да сонува за пласман на Светското првенство. Квалитетот на репрезентациите е исклучително висок и постојано расте низ целиот свет“, рече Инфантино.

Тој додаде дека треба да им се даде можност на помалите фудбалски нации да учествуваат на најголемото натпреварување. Меѓу нив е Македонија која не успеа ниту овој пат да се пласира на Мундијалот, па новите промени би ни ги отвориле портите широко.

„Доколку не им дадете шанса на помалите земји да играат на Светското првенство, тие нема да имаат поттик да продолжат да напредуваат“, рече претседателот на ФИФА.

Инфантино оцени дека форматот со 48 репрезентации се покажал како успешен.

“Сите тимови играа на високо ниво. Репрезентациите од сите континенти постигнаа голови и освоија поени. Девет од десет африкански селекции се пласираа во нокаут фазата, додека имаше само пет на претходниот Мундијал. Ова покажува колку е важно да се вклучат што повеќе репрезентации и да им се даде можност да учествуваат”, рече тој.

Бројот на учесници на Светското првенство се зголеми од 24 на 32 репрезентации во 1998 година, а на 48 од овогодинешниот турнир. Следното Светско првенство во 2030 година ќе го организираат Мароко, Португалија и Шпанија, додека домаќин на првенството во 2034 година ќе биде Саудиска Арабија.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата