Во четвртокот низ теснецот поминале само осум брода – што е најниска бројка забележана во изминатите три недели – соопшти „Kpler“ на платформата „X“. Во средата, низ теснецот поминале 15 брода. Пред две недели, низ теснецот поминале 48 брода. Пред почетокот на војната, кон крајот на февруари, низ Ормускиот теснец дневно поминувале во просек повеќе од 100 брода.
Иран во петокот се закани со „сеопфатна офанзива“ откако Соединетите Држави ја бомбардираа земјата седма ноќ по ред – при што не беше поштедена ниту иранската цивилна инфраструктура – што претставува ескалација на конфликтот. Американската војска во петокот соопшти дека спроведува нова серија напади врз Иран, кои започнале во „19:00 часот по Гринич“ (GMT).
Нападите „имаат за цел натамошно слабеење на воените капацитети на Иран“ по налог на претседателот Доналд Трамп, објави војската на платформата „Икс“ (X). Според иранските новински агенции, експлозии биле слушнати во јужниот дел на Иран. Еден ден претходно, американската војска соопшти дека погодила „десетици ирански воени цели, како што се позиции за крајбрежен надзор и противвоздушна одбрана, воена логистичка инфраструктура и поморски објекти“. Во овие напади загинале осум лица, според официјалната иранска новинска агенција ИРНА. Иранските власти исто така пријавија оштетувања на електроенергетската мрежа на југот – повикувајќи ги жителите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија – како и напади врз мостови, пристаниште, аеродром и телекомуникациска инфраструктура.

