Пропадна примирјето: САД шест дена го бомбардираат Иран, Техеран возврати со ракети

17.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Пропадна примирјето: САД шест дена го бомбардираат Иран, Техеран возврати со ракети

 Уништени биле шест мостови, железничка станица и аеродром и пристанишна кула, каде загинале најмалку осум цивили. Главна мета била јужната провинција Хормозган, чии мостови водат кон крајбрежјето на Ормутскиот теснец. САД засега не ги потврдуваат ваквите тврдења, иако американскиот претседател Трамп тоа неодамна го најави. Во синоќешното обраќање до нацијата само кусо рече.

-Постигнуваме голема победа во Иран и ќе ги видите резултатите многу наскоро. Америка се врати и се справува многу добро. Се уште имаме голем предизвик на кој мора итно да се одговори. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран соопшти дека возвратил со проектили врз американски воени објекти во Кувајт,  Бахреин и Оман, а мета прв пат од почетокот на војната била и источна Сирија, на границата со Јордан, каде бил погоден американски команден центар. Од обновувањето на конфликтот, Иран досега пријави 40-ина загинати и 600 повредени.

-Се што остана недопрено поради нашата воздржаност, односно целата инфраструктура низ регионот, ќе биде уништено од железните удари на моќните воени сили на Исламската република Иран. , изјави Ебрехим Зулфагари, портпарол на иранската војска.

Откако стана јасно дека мировните преговори се пропаднати, дел од западните аналитичари сметаат дека неопходна е промена на американската стратегија, чиј приоритет треба да биде суштинска промена на режимот.

-Сега мислам дека Трамп сфаќа дека преговорите се бескорисни и дека не може да ги постигне со Иранците. Тој треба да најде начин да постигне победа преку економски притисок, пошироки воени напади насочени кон Револуционерната гарда. Не мислам дека Американците имаат целосна стратегија за победа, изјави Петер Јенингс, безбедносен аналитичар за Скај Њуз.

По ескалацијата на конфликтот, Ормутскиот теснец останува практично затворен. Западните медиуми објавија дека вчера само три брода успеале да поминат низ клучната нафтена рута, чија блокада се заканува повторно да ги вивне цените на нафтата како по почетокот на војната.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата