УЕФА: ФИФА сака да продолжи да се збогатува на сметка на фудбалот!

29.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
УЕФА: ФИФА сака да продолжи да се збогатува на сметка на фудбалот!

Европската фудбалска унија (УЕФА) објави дека се спротивставува на планот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), која им понуди на националните асоцијации еднократна финансиска исплата од 20.000.000 долари во рамките на проектот поврзан со комерцијалните права на Светското првенство.

УЕФА изјави дека ФИФА поставила рок до 19 септември за федерациите да го прифатат предлогот, со предупредување дека во спротивно понудените средства ќе бидат повлечени.

„Денес дознавме дека ФИФА поставила рок за асоцијациите да ги поддржат своите предлози или еднократната финансиска понуда ќе биде повлечена. Ова зборува многу за самата природа на овој план“, се наведува во соопштението на УЕФА.

Европската куќа на фудбалот процени дека, по разговорите со бројни претставници на фудбалската заедница, има зголемен отпор кон предлогот на ФИФА.

„ФИФА не може да продолжи да го користи нашиот спорт за да се збогати себеси и своите партнери. Фудбалот може да се развива на вистински начин. Време е националните асоцијации, клубовите, лигите, играчите и навивачите да бидат приоритет“, соопшти УЕФА.

Како што претходно објави Асошиејтед Прес, претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, го одреди 19 септември како краен рок за сите 211 членки да прифатат еднократна понуда од по 20.000.000 долари како дел од инвестицискиот план поврзан со Светското првенство.

Според истиот извор, средствата за таа програма се обезбедени преку инвестициска компанија во сопственост на братот на Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, како дел од проект за продажба на акции од комерцијалните права на Светското првенство.

УЕФА претходно објави дека ќе одржи итен видео состанок до крајот на неделата, каде што ќе разгледа понатамошен одговор на потезите на ФИФА, а меѓу можните теми е и прашањето за можен бојкот на Светското првенство.


sportmedia.mk

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата