Интересот за финалето на Светското првенство помеѓу Аргентина и Шпанија ги зголеми цените на билетите на неверојатни височини, па само најбогатите навивачи ќе можат да присуствуваат на спектаклот на стадионот „МетЛајф“ во Њу Џерси.
Побарувачката за билети е огромна од крајот на полуфиналето, а цените на пазарот секојдневно растат.
Според податоците од платформите за продажба и препродажба на билети, најевтиниот билет што моментално е достапен чини околу 7.400 евра, за седиште во горните редови на стадионот.
За оние кои сакаат најдобар поглед на теренот, цената се искачува до 61.000 евра, колку што чинат седиштата до теренот во најатрактивните сектори.
Само пред неколку дена, најевтините билети можеа да се најдат за околу 2.000 евра, но поради огромниот интерес, цената оттогаш се зголеми неколку пати.
Билетите сè уште може да се купат преку официјалниот систем на ФИФА, со претходна регистрација на веб-страницата на организаторот, додека ФИФА нуди и официјална платформа за безбедна препродажба и замена на билети.
Покрај стандардните седишта, во понуда се и луксузни ВИП пакети.
Најпрестижните зони „Pitchside Lounge“ и „Trophy Lounge“ веќе се распродадени, додека понудата „Champions Club“, која вклучува седишта веднаш до теренот, сè уште е достапна по цена од околу 20.000 долари.
Како и со секој голем спортски настан, бројни препродавачи се обидуваат да ја искористат огромната побарувачка.
На платформата eBay се појавија реклами во кои се продаваат четири билети за финалето за дури 40.000 долари.
Сè укажува дека дуелот Аргентина-Шпанија ќе биде еден од најскапите спортски настани во годината кога станува збор за цените на билетите, а навивачите кои сакаат да ја гледаат борбата за титулата во живо ќе мора да издвојат мало богатство.

