Конечно. По нешто помалку од четири години од Катар 2022, еве го дочекавме стартот на новото, 23. Светско првенство во фудбал. Мундијал кој ќе биде посебен по многу нешта.
Вечерва во 21.00 часот е закажан и првиот меч и тоа меѓу Мексико и Ј.Африка на легендарниот “Ацтека“ стадион, а нешто пред тоа ќе се одржи и спектакуларното свечено отворање со многу ѕвезди од шоу бизнисот.
„Ацтека“ ќе влезе во историјата како прв стадион на кој во три наврати имало свечено отворање на СП и одигран прв меч. Тоа беше во 1970 во времето на Пеле и во 1986 во времето на Марадона.
Ако не беа Трамп и Инфантино секако дека финалето на ова СП ќе се одиграше на “Ацтека“.
Мексико и Ј.Африка (21.00 часот) ќе биде прв дуел на Мундијалот. Ова ќе биде реприза на првиот меч од СП 2010 кога резултатот беше 1:1. Мексико сака победа, нема дилеми, ќе оди по првите три бода на ова првенство, но и гостите ќе имаат што да кажат.
Во групата – А, во утринските часови од 04.00, се игра уште еден меч и тоа оној меѓу Ј.Кореја и Чешка. Да беше се како што посакувавме место Чешка ќе беше Македонија, но тоа е некоја друга тема на муабет и не сакаме да го расипуваме мундијалскиот кејф со некои наши домашни, фудбалски теми со кои сме преокупирани.
Време е за фудбалско уживање. Она вистинското…
ДЕНЕСКА – ГРУПА А
МЕКСИКО СИТИ – 21.00 Ч
Мексико – Ј.Африка
ГВАДАЛАХАРА – 04.00 Ч
Ј.Кореја – Чешка

