Забележана најголемата бела ајкула - „Ѕверот“ од 770 килограми се врати од длабочините

17.07.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Забележана најголемата бела ајкула - „Ѕверот“ од 770 килограми се врати од длабочините

„Контендер“, најголемата голема бела ајкула некогаш регистрирана во Атлантскиот Океан, повторно е забележана по неколкумесечно отсуство од системите за сателитско следење.

Ајкулата, која е долга повеќе од четири метри и тешка околу 770 килограми, последен пат била регистрирана во април во близина на заливот Памлико Саунд во американската сојузна држава Северна Каролина, по што исчезнала од радарите бидејќи нурнала на големи длабочини.

Истражувачкиот тим на OCEARCH, кој ги следи движењата на големите бели ајкули, минатата среда изјави дека тракерот повторно испратил сигнал.

Сепак, станува збор за слаб сателитски сигнал, познат како „Z-пинг“, што значи дека перката на ајкулата не била над површината на водата доволно долго за уредот да испрати прецизни податоци за нејзината локација. Поради ова, истражувачите во моментов не можат со сигурност да утврдат каде се наоѓа ајкулата.

Врз основа на претходните истражувања и шемите на миграција на големите бели ајкули, експертите веруваат дека „Контендер“ (Contender) би можела да се упати кон Кејп Код во американската сојузна држава Масачусетс или кон бреговите на атлантскиот дел на Канада.

Според организацијата OCEARCH, големите бели ајкули во западниот дел на Северниот Атлантик редовно мигрираат кон север во потрага по храна во текот на летото и раната есен. „Кејп Код и атлантскиот дел на Канада нудат соодветни температури на морето и изобилство од плен, првенствено фоки и големи видови риби“, соопштија од OCEARCH.

Изминати повеќе од 11.000 километри Ајкулата „Контендер“ беше означена со сателитски уред во јануари 2025 година во Северниот Атлантик, недалеку од бреговите на американските сојузни држави Џорџија и Флорида.

Оттогаш, според истражувачите, таа има изминато повеќе од 7.000 милји (околу 11.300 километри) долж источниот брег на Северна Америка, што ја прави една од најследените големи бели ајкули во светот.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата