Како годините минуваат, животното искуство носи мудрост, но често и соочувања со одлуките што можеле да бидат поинакви. Многу луѓе кои зачекориле во 6-тата деценија нагласуваат дека не жалат толку за нешто што го направиле, туку за пропуштените прилики. Токму затоа психолозите сметаат дека е важно навреме да се препознае вистинската вредност на работите.
Едно од најчестите каења се однесува на посветеноста на работата. Многумина признаваат дека со години бркале кариера и финансиска безбедност, додека семејството, пријателите, сопствените потреби ги ставале во втор план. Дури подоцна сфатиле дека изгубеното време со најблиските е невозможно да се надомести.
Голем број од луѓето жалат за тоа што немале повеќе храброст да ги следат своите соништа. Некои никогаш не ја промениле работата што не ги исполнувала, други не отпатувале на места за кои мечтаеле, а трети се откажале од сопствениот талент поради стравот од неуспех и осуда од околината.
Исто така, луѓето најчесто жалеле што го запоставувале своето здравје, се хранеле нездраво, физичката активност изостанувала, па хроничниот стрес и одложувањето на лекарските прегледи често оставаат видливи последици во подоцнежните години. Затоа стручните лица нагласуваат дека вложувањето во здравјето во текот на целиот живот е исплатливо.
Многу луѓе после 50-тата признаваат дека премногу размислувале за тоа што ќе кажат другите. Носеле одлуки за да исполнат туѓи очекувања, наместо да живеат во согласност со сопствените желби и вредности. Дури подоцна, сфаќаат колку пропуштиле обидувајќи се да им удоволат на сите.
Луѓето често се каат и за неизговорените зборови. Жалат што почесто не велеле „те сакам“, што не простиле на време или што не одржувале контакт со драги личности. Кога некого ќе изгубат или патиштата ќе им се разминат, станува јасно колку искреноста и блискоста се важни.

