Иако Македонија останува надвор од најновиот бран американски царини што администрацијата на Доналд Трамп ги воведе за увоз од 60 земји, доколку овие мерки останат во сила подолг период, можно е индиректно да се почувствуваат последици и врз домашната економија.
Сепак, релативно малиот директен извоз на македонски производи на американскиот пазар, како и билатералниот трговски договор со САД склучен во февруари, со кој земјава ги укина царините за американските индустриски и земјоделски производи, додека Вашингтон ја задржа царината од 15 проценти за македонскиот извоз, засега упатуваат на тоа дека непосредното влијание врз македонската економија би било ограничено, велат познавачите на состојбите.
Новите американски царини индиректно би можеле да имаат последици и врз домашната економија, доколку тие потраат и подолго оценува поранешниот министер за финансии Кирил Миновски.
-Не очекувам некаков непосреден и драматичен удар врз македонската економија како директна последица од овие царини. Сепак, доколку мерките останат во сила подолг временски период и предизвикаат поголеми нарушувања во глобалната трговија, тогаш можеме да очекуваме индиректни последици. Тие би можеле да се почувствуваат преку забавување на индустриското производство, особено во слободните економски зони, каде што голем дел од компаниите се извозно ориентирани, намалување на извозната активност и послаб економски раст.“- изјави – Кирил Миновски – Поранешен министер за финансии.
Во меѓувреме Брисел бара појаснување од Вашингтон за потегот на Вашингтон, нагласувајќи дека ЕУ го почитувала договорот за трансатлантска трговија постигнат минатата година, а новите царини на Трамп кон повеќе земји во ЕУ неочекувано ја изненадиле Каја Калас.
-Ние го испочитувавме нашиот дел од договорот. Имавме договор до САД и останавме доследни на обврските што ги презедовме. Преговорите не беа лесни. За нашите компании е многу важно да има предвидливост. Токму затоа и компаниите ни порачаа да постигнеме резултат, да го договориме овој договор, бидејќи предвидливоста е многу подобра отколку неизвесноста и незнаењето што не очекува во иднина – вели Калас.
Инаку Трамп објави царини од 10% до 12,5% за повеќе од 60 земји, за да ги заменат досегашните царини од 10% кои имаа привремен карактер и истекуваа денеска. Со новите царини се опфатени најголемите трговски партнери на САД - сите членки наЕУ , Британија, Канада, Мексико, Кина, Индија и Австралија. Остануваат на сила и сите други дополнителни царини воведени на разна основа и за специфични сектори. Македонија не е засегната со новите царините, затоа што во февруари склучи билатерален договор со САД.

