Амбасадорот Аро: Не се правете изненадени, Франција одамна бара реформи во ЕУ

16.10.2019
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Амбасадорот Аро: Не се правете изненадени, Франција одамна бара реформи во ЕУ

Жерар Aро, до неодамна еден од водечките француски дипломати, вели дека Франција одамна имала план драстично да го смени начинот на кој се примаат нови членки на Европската Унија, и инсистира дека приемот на земји како Македонија е дел од британскиот план за разводнување на унијата. Аро овој став го изнесе на Твитер и пред неколку месеци, кога Македонија остана без јунскиот датум за преговори.

Новата реакција на доскорешниот француски амбасадор во САД доаѓа како одговор на коментарот на поранешниот шведски премиер Карл Билд, кој ја критикуваше Франција за блокирањето на октомврискиот датум за преговори.

ЕУ се соочува со опасноста дека целата нејзина политика и кредибилитетот кон Балканот ќе колабираат затоа што Франција се заканува дека ќе стави вето на отворањето преговори со „Северна“ Македонија и со Албанија. Да се надеваме дека лидерите денес и утре ќе ја избегнат оваа катастрофа, напиша Билд.

Со децении Франција бараше реформа на структурите на ЕУ пред да одобриме проширување. Оваа загриженост останува. Пренадуената ЕУ не може да донесе клучни одлуки. Не се правете изненадени, не барајте објаснувања. Ние сме конзистентни, амбасадорот Аро му одговори на Билд.

Тој го отфрла ставот дека француското барање за внатрешни реформи во ЕУ и за менување на начинот на кој функционира процесот на проширување, е некакво ново барање на Франција, и вели дека се работи за нивен дамнешен став.

Коментарот на амбасадорот Аро се однесува на старата поделба во ЕУ, при што Франција се залага за помала, но далеку по-централизирана Унија, додека земји како Британија се залагаа за прием на што е можно поголем број нови членки, но во лабав сојуз, кој ќе биде пред се трговски, а не и политички.

Британија отсекогаш беше за проширување на ЕУ, за било какво проширување. Нивна постојана и успешна политика беше разводнувањето на ЕУ, Аро изјави летоска, во остра дискусија со британскиот коментатор Џејмс Кер – Линдзи, обвинувајќи ја Британија дека стои зад планот на натамошно проширување на ЕУ.

Се очекува дека францускиот претседател Емануел Макрон ќе поднесе барања за централизирање на ЕУ како услов да го дозволи отворањето на преговори со Македонија, при неговата денешна средба со германската канцеларка Ангела Меркел. Со очекуваниот излез на Британија од ЕУ, Франција чувствува дека е дојден мигот да се направи централизирана
ЕУ. А во спротивно, доколку барањата на Макрон бидат одбиени, Аро бара Унијата да биде искрена кон кандидатките за членство и јасно да им каже дека вратите на ЕУ се затворени.

Да престанеме со оваа измама. Веќе плативме висока цена затоа што се преправавме дека сакаме да преговараме со Турција… Со децени надвладејуваше британскиот модел кој бараше проширување на ЕУ без нејзино продлабочување. Логиката на Лондон секогаш беше да имаме голем пазар, но без можност ефикасно да се носат одлуки, порача дипломатот во Твитер коментарот кој предизвика доста жолчни реакции и од македонски коментатори, поддржувачи на Заев.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата