Третата генерација на еден од најпопуларните компактни кросовери во Европа го доби својот прв редизајн.
Откако привлече повеќе од 350.000 клиенти на Стариот континент, Qashqai 3 е освежен за да може да се носи со конкуренцијата во наредните години.
Обновениот модел доби нов дизајн на предната маска, а од Nissan велат дека изгледот на овој дел од возилото бил инспириран од металниот антички јапонски витешки оклоп.
Променети се и фаровите, со посебни дневни светла составени од пет дела, а нов е и дизајнот на стоп светлата.
Новите 18-инчни алуминиумски тркала сега се стандардни во опремата од средно ниво. Клиентите може да имаат тркала до две големини поголеми, а достапни се три нови бои на каросеријата: White Pearl, Black Pearl и Deep Ocean, што се менува во зависност од осветлувањето (меѓу темно сина и металик сино-зелена).
Во понудата е и верзијата N-Design со дополнителни ексклузивни детали. Праговите и лаковите на тркалата од оваа верзија се во боја на каросеријата, а пакетот на опрема го комплетираат нови 20-инчни алуминиумски тркала.
Промените се видливи и во внатрешноста. Таблата со инструменти, влошките на вратите, потпирачите за раце и капакот на централната конзола во пакувањата со повисока опрема се покриени со Алкантара.
Најбогато опремените верзии имаат кожен тапацир и амбиентално осветлување во неколку нијанси.
Моторизацијата е иста како порано. Клиентите можат да изберат помеѓу два 1,3-литарски „лесни“ хибриди од 140 КС и 160 КС и 1,5-литарски E-Power целосен хибрид од 190 КС, каде моторот со внатрешно согорување се користи само за полнење на батеријата и не ги движи тркалата. директно.
Интересно е што Nissan сè уште не го нуди Qashqai со чисто електричен погон или со plug-in хибридна опција.
Цената и датумот на пристигнување во салоните ќе бидат објавени подоцна.