Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го гледал тестирањето на системите за лансирање ракети со својата ќерка

15.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун го гледал тестирањето на системите за лансирање ракети со својата ќерка

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун и неговата ќерка го гледале тестирањето на повеќецевниот систем за лансирање ракети, објавија денеска севернокорејските државни медиуми, што е веројатен одговор на актуелните воени вежби на САД и Јужна Кореја, кои Пјонгјанг ги смета за тест за инвазија.

Официјалната севернокорејска агенција - КЦНА, објави дека Ким вчера набљудувал нападна вежба покрај источниот брег на Северна Кореја, во која биле вклучени 12 прецизно водени ракетни лансери од 600 мм.

Ким Џонг Ун, според КЦНА, рекол дека вежбите ќе го изложат непријателот во опсег од 420 километри на „непријатности“ и се заканил дека ќе употреби „тактичко нуклеарно оружје“. Очигледно, тој мислел на јужнокорејските и американските војници стационирани во Јужна Кореја.

„Доколку се употреби ова оружје, воената инфраструктура на противникот во неговиот дострел на удар никогаш нема да може да преживее“, рекол Ким, пренесе КЦНА.

Фотографиите, објавени од КЦНА, ги прикажуваат Ким и неговата ќерка, Ким Џу Ае, на возраст од околу 13 години, како шетаат во близина на маслинесто зелените лансирни камиони и гледаат како се лансира оружје од нив. Девојчето од крајот на 2022 година го придружува својот татко на голем број настани од висок профил, како што се ракетни тестови и воени паради, што ги поттикнува шпекулациите дека таа е подготвувана за негов наследник.

Јужнокорејската војска вчера соопшти дека открила околу 10 балистички ракети испукани од регионот на главниот град на Северна Кореја кон Источното Море. Советот за национална безбедност на Јужна Кореја соопшти дека лансирањата претставуваат провокација што ги прекршила резолуциите на Советот за безбедност на ОН со кои се забрануваат сите севернокорејски балистички активности.

Пролетната воена вежба наречена „Штит на слободата“ е една од двете годишни заеднички вежби меѓу војските на САД и Јужна Кореја и е предвидено да трае до 19 март. 

Северна Кореја често одговара на овие вежби со тестирање на оружје и провокативна реторика.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата