Многу топол бран го погоди Бангладеш- над 33 милиони ученици не одат на настава (ВИДЕО)

25.04.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Многу топол бран го погоди Бангладеш- над 33 милиони ученици не одат на настава (ВИДЕО)

Како што јави Би-Би-Си, поради топлотниот бран властите донеле одлука за затворање на училиштата, а дури 33 милиони ученици не посетуваат настава.

Училиштата и колеџите ќе бидат затворени најмалку до 27 април, одлучија властите во Бангладеш. Ова е втора година по ред како властите мораат да преземат ваков радикален чекор поради екстремните временски услови. Затворањето доаѓа откако училиштата на Филипините и Индија исто така беа принудени да се затворат поради топлотниот бран што ја зафати Азија.

– Децата во Бангладеш се меѓу најсиромашните во светот, а затворањето на училиштата поради жештините треба да нè алармира сите нас – изјави Шумон Сенгупта, директор на организацијата „Спасете ги децата“ во оваа земја.

Бангладеш е една од најранливите земји на ефектите од климатските промени. Според Меѓувладиниот панел за климатски промени, порастот на нивото на морето од 30 до 45 см може да пресели повеќе од 35 милиони луѓе од крајбрежните области - околу една четвртина од вкупното население на земјата. Вчера илјадници муслимани во земјата се собраа во џамиите и селските полиња за да се молат за дожд.

- Животот стана неподнослив поради недостигот на дожд. Сиромашните луѓе страдаат неизмерно - изјави за АФП исламскиот свештеник Мухамед Абу Јусуф.

Вчера тој водеше утринска молитва за 1.000 верници во централниот дел на главниот град Дака. Метеоролошките служби очекуваат екстремните горештини да траат најмалку уште една недела. На болниците и клиниките им е наложено да се подготват за повеќе пациенти поради условите поврзани со екстремната топлина, како што се треска и главоболка.

„Пациентите кои страдаат од топлотен удар ќе бидат примени на климатизирани одделенија“, рече министерката за здравство Саманта Лал Сен.

УНИЦЕФ предупреди и на сериозни ризици, дека ваквите високи температури претставуваат опасност за малите деца, особено за новороденчињата и доенчињата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата