Кралот на новозеландските Маори бара основни човекови права- за китовите

28.03.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Кралот на новозеландските Маори бара основни човекови права- за китовите

Кралот Тухеитија Паки рече дека величествените морски цицачи треба да ги имаат основните човекови права, како што е правото на здрава животна средина, за да им овозможат на нивните популации да се обноват.

„Звукот на песната на нашите предци е ослабен и живеалиштето е загрозено. Затоа мора да дејствуваме сега“, рече Тухеитија во реткото појавување во јавноста.

Во 2017 година, Нов Зеланд донесе закон со кој се дава правен субјективитет на планината Таранаки и реката Вангануи, кои се важни за Маори, домородните луѓе кои сочинуваат околу 17 отсто од населението на Нов Зеланд, или околу 900.000.

Тухеитија верува дека давање на ист статус на китовите би делувало како „наметка на заштита“. Тој се огласи заедно со високиот началник на соседните острови Кукови, Травел Ту Арики.

Тие се залагаат домородните знаења да се комбинираат со науката за да се обезбеди „похолистички пристап“ кон зачувувањето на китовите.

„Китовите играат витална улога во здравјето на целиот наш океански екосистем“, рече Травел Ту Арики. „Мораме итно да дејствуваме за да ги заштитиме овие прекрасни суштества пред да биде предоцна“, додаде тој.

Сините китови можат да пораснат до 30,5 метри и тежат до 200 тони. Но, големината не ги штити. Шест од 13 големи видови китови се загрозени или ранливи, според WWF, светската организација за заштита на природата.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата