На 75-годишна возраст по кусо боледување денеска почина Велибор Џаровски- Џаро, а тажната вест ја потврди и семејството.
„Почина дома, со најмилите. До последно се бореше, следеше настани и не се предаваше по мозочниот удар на 24 март и две недели поминати во болница. Им благодариме на сите за пораките, да сте живи и здрави, изјави за медиумите неговата ќерка Милица.
Популарниот Џаро беше апсолутен крал на фудбалските местенки, а и покрај тоа го обожаваа сите што го познаваа. Долго време како менаџер соработувал и со многу естрадни ѕвезди, меѓу кои Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгојевиќ, „Бијело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена...
Џаровски остави силен впечаток и во југословенскиот фудбал, каде што, како што самиот призна, наместил повеќе од 80 натпревари во сите рангови на натпреварување, оставајќи зад себе легендарни приказни за тоа.
Неговата смрт погоди многу познати домашни личности, но и од регионот, а меѓу првите кои се простија од него се Жељко Самарџиќ и Рибља Чорба.
- Ми беше задоволство да те познавам и да работам со тебе. Збогум, легендо на Балканот, напиша Самарџиќ на Инстаграм.
И, групата Рибља Чорба се прости од легендата.
- Замина нашиот голем пријател, најимагинативниот измамник, единствениот Велибор Џаровски-Џаро. Не мамеше, но тоа е толку толку шармантно и духовито што никој не можеше да му се налути. Патувај, драг Џаро, и измами ги ѕвездите на небото, напишаа тие.
Иако своевремено бил менаџер на бројни великани на српската музичка сцена, тој истакнуваше дека тоа не е негов најголем успех.
- За мене најголеми успеси не се Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Бијело Дугме, Тереза Кесовија, Бора Чорба, Оливер Мандиќ, Кемал Монтено, Мики Јевремовиќ, Индекси и Леб и сол, чиј менаџер бев јас, туку фудбалскиот клуб Слога Југомагнат во првата македонска лига. Освоивме три титули по ред, благодарение на мене, изјави еднаш Џаро, кој буквално до последно не ги пропушташе сите големи настани, а последниот на кој се видовме беше скопскиот концерт на Горан Бреговиќ одржан на 23 март.
Вечна слава легедно!