Зеленски призна: „Украинските сили се повлекуваат“

3.07.2022
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Зеленски призна: „Украинските сили се повлекуваат“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вечерва призна дека украинските сили се повлекле од Лисичанск во Донбас.

Тој вети дека ќе ја врати контролата врз областа, „благодарение на тактиката на армијата и изгледите за пристигнување на ново, подобрено оружје“.

„Ако командантите на нашата армија ги повлечат луѓето од одредени точки на фронтот, каде што непријателот има најголема предност, а тоа важи и за Лисичанск, тоа значи само една работа“, рече Зеленски во видео-обраќањето вечерва, пренесе Ројтерс.

Како што рече украинскиот лидер, украинските сили ќе се вратат благодарение на зголемувањето на снабдувањето со модерно оружје.

Украинската воена команда претходно денеска објави дека украинските сили биле принудени да се повлечат од источниот град Лисичанск, последното упориште на Киев во областа Луганск.

„Продолжувањето на одбраната на градот би довело до фатални последици. За да се спасат животите на бранителите на Украина, донесена е одлука за повлекување“, се наведува во соопштението објавено на социјалните мрежи.

Русите претходно денеска објавија дека ја презеле контролата над Лисичанск.

Претходно рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го информираше рускиот претседател Владимир Путин за наводното ослободување на самопрогласената Луганска народна република (ЛПР) и воспоставувањето целосна контрола над Лисичанск.

Фото: Профи

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата