Златен џебен часовник кој му припаѓал на најбогатиот патник на Титаник, Џон Џејкоб Астор IV, е продаден на аукција за рекордни 1,2 милиони фунти.
Аукциската куќа Henry Aldridge & Sun го продала џебниот часовник од 14-каратно злато „Волтам“ на приватен колекционер од САД за највисока сума понудена досега за предмет од Титаник, пишува Гардијан.
Претходната највисока сума дадена за предметите на Титаник е 1,1 милион фунти за виолина на која свиреле музичари додека бродот тонел, а која е продадена од истата аукциска куќа во 2013 година.
Кутија за виолина, пак, е продадена за 360.000 фунти на истата аукција како и џебниот часовник.
Часовникот изгравиран со иницијалите JJA е пронајден со телото на Џон Џејкоб Астор IV, неколку дена откако Титаник потона.
Во тоа време се пронајдени и дијамантски прстен, златни и дијамантски манжетни, 225 фунти во англиски банкноти и 2.440 американски долари.
„Астор е добро познат како најбогатиот патник на Титаник и се сметало дека е меѓу најбогатите луѓе во светот во тоа време, со богатство од приближно 87 милиони долари, што е еквивалентно на неколку милијарди долари денес“, соопшти аукциската куќа.
Астор бил на Титаник со сопругата Медлин. Бизнисменот, кој имал 40 години, се оженил со 18-годишната Медлин на 11 септември 1911 година и минале на меден месец во Европа и Египет.
Тие се враќале во САД кога Титаник удрил во санта мраз на 14 април 1912 година.
Телото на Астор и неговиот часовник биле пронајдени од екипажот на парабродот „CS McKay-Bennett“ на 22 април 1912 година.
Неговата сопруга Медлин, на која Астор и помогнал да влезе во чамецот за спасување, преживеала.