„Опен-АИ“ ја затворa ВИ-апликацијата за видеа, „Сора“

25.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
„Опен-АИ“ ја затворa ВИ-апликацијата за видеа, „Сора“

 Компанијата потврди дека со корисничката апликација „Сора“, се исклучува и онлајн-платформата што професионалците ја користеа за генерирање видеосодржини.

„Се збогуваме со апликацијата 'Сора'. На сите што креираа со 'Сора', ја споделија својата работа и изградија заедница околу неа: Ви благодариме. Она што го направивте со 'Сора' беше важно и знаеме дека оваа вест е разочарувачка. Наскоро ќе споделиме повеќе информации, вклучувајќи временски рокови за апликацијата и АПИ, како и детали за тоа како да ја зачувате вашата работа“, објави тимот на „Сора“ на платформата „Икс“.

„Сора“ се појави во јавноста пред помалку од две години. Стана популарна поради можноста да создава реалистични снимки врз основа на едноставни текстуални инструкции. Покрај оваа, за многумина, неочекувана вест, според „Би-би-си“ (BBC), „Опен-АИ“ ќе го прекине и своето партнерство со гигантот за забавни содржини - „Дизни“ (Disney). Компанијата за ВИ соопшти дека ја повлекуваат „Сора“ за да се сосредоточат на други проекти, како што е роботиката што ќе им помогне на луѓето да решаваат реални, физички задачи.

Уште позбунувачки, се вели, е тоа што само пред два дена, „Опен-АИ“ објави нови упатства за моделот „Сора 2“, насочени на строги контроли на дигиталниот идентитет, воведувајќи задолжителни видливи и невидливи водени жигови за јасно разликување на содржината на вештачкоинтелигентната создадена содржина од реалноста.

Компанијата нагласи дека алатките за креирање слики во „Чет-ГПТ“ не се засегнати од исклучувањето на „Сора“.

Според стручњаците, со затворањето на „Сора“, „Опен-АИ“ веќе не е насочена на развој на алатки за генерирање видеа. Компанијата укажа дека следната цел се други облици на напредна ВИ, вклучително и „агентска“ технологија способна за самоуправувачко извршување задачи со минимален човечки надзор. Занимливо е што гигантот во областа на ВИ има намера да ја примени истата технологија што се користеше за производството на реалистични видеа за обука на идните роботи.  

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата