Поротата на Ново Мексико ја прогласи компанијата „Мета платформс“ за одговорна во тужбата за безбедност на децата, велејќи дека свесно го оштетила менталното здравје на децата и го криела своето знаење за сексуална експлоатација на деца на своите платформи.
„Мета“ е сопственик на неколку платформи на социјални мрежи, како што се „Фејсбук“, „Ватсап“, „Инстаграм“ и „Тредс“. Оваа судска одлука доаѓа по речиси седум дена судење иницирано од главниот обвинител. Поротата ја прогласи американската компанија за виновна за кршење на законите за заштита на потрошувачите на Ново Мексико и ѝ наложи да плати 375 милиони долари граѓански казни.
Ова е првпат порота да пресуди против „Мета“ во тужба за експлоатација на деца. Во меѓувреме, Федералниот суд во Калифорнија разгледува сличен случај против „Мета“ и „Јутјуб“.
Во соопштението, главниот јавен бранител на Ново Мексико, Раул Торез рече дека оваа пресуда е „историска победа“.
- Ова е историска победа за секое дете и семејство кое ја платило цената за изборот на „Мета“, што го стави профитот пред безбедноста на децата. Значителните отштети што поротата ѝ наложи на „Мета“ да ги плати треба да испратат јасна порака до раководителите на големите технолошки компании дека ниедна компанија не е над законот, рече тој.
Портпаролот на „Мета“ рече дека компанијата не се согласува со пресудата на Судот во Ново Мексико и дека ќе поднесе жалба.
- Работиме напорно за да ги заштитиме луѓето на нашите платформи и сме јасни во врска со предизвиците за идентификување и отстранување на лоши чинители или штетна содржина. Ќе продолжиме енергично да се браниме и да останеме уверени во нашите податоци за заштитата на тинејџерите на интернет, рече гласноговорникот.
Иако пресудата е значаен преседан, казната од 375 милиони долари е само дел од казната од 2,2 милијарди долари што ја бараат тужителите. „Мета“, исто така, се соочува со илјадници тужби против неа и други компании за социјални медиуми, т.е. обвиненија дека намерно ги дизајнирале своите производи да создадат зависност кај младите луѓе, што довело до национална криза со менталното здравје. Некои од тие тужби бараат десетици милијарди долари отштета, според поднесоците до финансиските регулатори.
Истовремено, неколку земји веќе ги забранија или размислуваат да ги забранат социјалните медиуми за деца.
