Полска претпоставува дека ќе биде меѓу земјите на ЕУ против кои Европската комисија ќе покрене постапка поради прекумерен буџетски дефицит, објави Министерството за финансии, истакнувајќи ја „олеснителната околност“ на повисоките трошоци за војската.
Варшава и Брисел разговараат за ова прашање, ја цитира полската новинска агенција ПАП изјавата на Министерството за финансии.
Плафонот на буџетскиот дефицит во ЕУ е три отсто од БДП, а членките кои го надминуваат мора да го намалат со стапка од половина процентен поен годишно.
Од 2020 до 2023 година, ограничувањето е суспендирано поради пандемијата на Ковид-19 и војната во Украина. Буџетскиот дефицит на Полска минатата година изнесуваше 5,1 отсто од БДП, покажуваат прелиминарните податоци на заводот за статистика.
<b>„Тоа е поради војната во Украина и огромните трошоци за модернизација на армијата“</b>
„Треба да тргнеме од претпоставката дека поради прекумерниот дефицит ќе биде покрената постапка против Полска бидејќи Европската комисија е должна на тој чекор“, соопштија денеска од Министерството за финансии, додавајќи дека веќе се во „работен дијалог“ со Брисел, пренесува ПАП.
„Според мислењето на Министерството за финансии, високиот дефицит во Полска е резултат на војната во Украина и огромните трошоци на Полска за модернизација на армијата, елиминирање на последиците од енергетската криза и помош на бегалците од Украина“, се вели во соопштението.
Зголемените трошоци за одбраната ќе се сметаат за олеснителна околност во постапката за прекумерен дефицит, додаваат тие.
Изменетите регулативи на ЕУ предвидуваат рамномерно темпо на намалување на дефицитот и долгот од 2025 година, во период од четири до седум години. Членките можат да добијат повеќе време доколку спроведат реформи и инвестираат во области кои ЕУ ги вклучи во листата на приоритети.