Комеморации во Србија за жртвите на ланското масовно убиство на девет млади луѓе

4.05.2024
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Комеморации во Србија за жртвите на ланското масовно убиство на девет млади луѓе

Пред една година, доцна во ноќта, 21-годишниот Урош Блажиќ со автоматско оружје уби девет млади лица - Никола Милиќ (14), Александар Миловановиќ (17), Марко Митровиќ (17), братот и сестрата Кристина (18) и Милан Паниќ (22) Лазар Миловановиќ (19), Немања Стевановиќ (21), Далибор Тодоровиќ (24) и Петар Митровиќ (25), а повреди уште 12, објави Индекс.

Злосторството се случило еден ден по масовното убиство на основците во училиштето „Владисалв Рибникар“. Заедно со Урош Блажиќ, обвинителството предложило максимална казна од 20 години за неговиот татко за неовластено поседување на поголема количина оружје, муниција и експлозивни материјали, додека за истите кривични дела се товарат и неговиот вујко и синот на вујкото, со понизок предлог за казна. Заедно со семејствата и роднините на убиените, на комеморативната средба присуствуваа пријатели, колеги од училиште и родители на загинатите ученици во ОУ „Владислав Рибникар“, кои ден претходно ја одбележаа годишнината од убиството на нивните деца кои биле убиени од врсник. Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговите колеги, исто така, им оддадоа почит на жртвите на масовните убиства во Мало Орашје и Дубона.

Двете масовни убиства на 3 и 4 мај минатата година беа извршени за помалку од 48 часа. Откако 13-годишен ученик во основното училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај за време на првиот час со пиштолот на татко му го уби училишниот чувар и деветмина негови соученици, а рани уште петмина и наставник, на 4 мај доцна во ноќта, 21-годишен млад човек изврши масакр во две села кај Младеновац и Смедрево и зад себе остави девет жртви и 12 ранети.

Тие две злосторства минатиот мај се одбележаа со повеќемесечните протести „Србија против насилството“ на кои учествуваа стотици илјади луѓе низ целата земја.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата