- Значителен дел од средствата ќе бидат обезбедени преку европскиот одбранбен фонд SAFE - рече Санчез на заедничка прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Мадрид.
- Цврсто стоиме покрај Украина – денес и во иднина - нагласи шпанскиот премиер.
Зеленски, кој претходно одржа разговори во Лондон, престојува во четврта официјална посета на Шпанија од почетокот на руската целосна инвазија врз неговата земја.
Тој вчера побара дополнителна поддршка и во Лондон, изразувајќи загриженост дека конфликтот со Иран би можел да влијае врз испораките на оружје за Украина.
Санчез и Зеленски најавија дека нивните земји, како и компании од двете држави, ќе соработуваат во развој и производство на оружје.
-Украина е подготвена да го сподели знаењето и горкото искуство стекнато во оваа војна, особено во областа на дронови и нови технологии - изјави Зеленски.
Воедно, тој нагласи дека е од клучно значење да се одблокира заемот од 90 милијарди евра на ЕУ за Украина, кој во моментов е блокиран од Унгарија.
Дел од шпанската помош во изминатите години беше реализирана преку директни испораки на воена опрема, вклучително и тенкови „Леопард“, како и преку набавки на оружје и хуманитарна помош.
Сепак, најголемиот дел од поддршката доаѓа преку учеството на Шпанија во програмите на ЕУ и НАТО. Земјата, исто така, прифати повеќе од 300.000 украински бегалци во рамки на европската Директива за привремена заштита.

