Унгарија и Словачка нема да учествуваат на видеоконференцијата за воспоставување „ѕид против дронови“ на источната граница на Европската Унија, која ја свикува европскиот комесар за одбрана и вселена Андриус Кубилиус, потврди портпаролот на Европската комисија Томас Рение во Брисел, објавува украинскиот портал „Киев Индипендент“.
„Всушност, Унгарија и Словачка нема да бидат присутни на овие почетни разговори“, рече Рение.
Седум земји од првата линија учествуваат во разговорите
Видеоконференцијата е закажана за петок, 26 септември, а ќе учествуваат седум земји од источниот дел на ЕУ: Естонија, Латвија, Литванија, Финска, Полска, Романија и Бугарија. И Украина е поканета.
„Секако нема да ги исклучиме идните разговори во потенцијално поширок формат. Но, засега, ќе учествуваат само овие седум земји од првата линија, и секако Украина“, додаде Рение.
Иницијатива поттикната од неодамнешните инциденти
Тој истакна дека состанокот следува по говорот за состојбата на Унијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кој таа ја нагласи потребата од воспоставување „ѕид против беспилотни летала“ по неодамнешните инциденти во Романија и Полска.
„За што ќе се дискутира - земјите-членки остануваат, секако, главни актери. Ќе видиме каков е нивниот интерес, како можеме да им помогнеме, какви се нивните капацитети, какви се нивните потреби, а по оваа дискусија ќе одлучиме за можните понатамошни чекори во соработка со тие земји-членки, Украина и другите членки“, рече Рение.