Расмусен: ЕУ не сака трговска војна со САД, но е подготвена за сите можни сценарија

14.07.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Расмусен: ЕУ не сака трговска војна со САД, но е подготвена за сите можни сценарија

Земјите членки на ЕУ ги сметаат за апсолутно неприфатливи и неоправдани најавите од викендов на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување на царини од 30 отсто за европските стоки од 1 август, изјави денеска данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен на прес-конференција по завршувањето на Советот за надворешни работи на ниво на министри за трговија во Брисел. 

- Ние сме посветени на продолжување на соработката со САД и за постигнување договор. Тој договор мора да биде од взаемна корист и под услови што се прифатливи за двете страни. Во исто време сме подготвени за сите можни сценарија, доколку не се најдат задоволителни решенија. ЕУ останува подготвена да реагира, а тоа вклучува и реципрочни царини, доколку е потребно, изјави Расмусен, додавајќи ЕУ не сака трговска војна со САД и сакаме да ја избегне. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович на заедничката прес-конференција со Расмусен, истакна дека царини од 30 отсто се апсолутно неприфатливи за ЕУ и тие би биле пречка за каква било трговија, додавајќи дека Унијата ќе ги преземе сите мерки за да ги заштити европските бизниси и економија. 

- Треба да се стремиме кон мерки за ублажување. Затоа прво ќе преговараме, но ќе се подготвуваме во исто време и за мерки за враќање на рамнотежата. Се е на маса, но ќе го правиме тоа чекор по чекор, рече Шефчович. 

Тој истакна дека ЕУ во трговските преговори со САД пристапува со добра волја, конструктивно и со полн интензитет во текот на целиот процес. 

- Остануваме убедени дека нашите трансатлантски односи заслужуваат договор за решение кое води кон обновена стабилност и соработка. ЕУ никогаш не се откажува без вистински напор, особено имајќи ја предвид вложената напорна работа и тоа колку сме блиску до склучување договор и јасните придобивки од таквото решение. Но, како што реков претходно, за да се ракоплеска потребни се две раце, рече Шефчович, најавувајќи нови контакти со неговите американски колеги за попладнево. 

Шефчович додаде дека денеска Комисијата до земјите членки го доставиле предлогот за втората листа на американски стоки што се увезуваат во ЕУ, во вредност од околу 72 милијарди евра, кои би биле опфатени со евентуалните реципрочни мерки за враќање на рамнотежата. 

- Ова не го исцрпува нашиот сет на алатки и секој инструмент останува на маса, додаде Шефчович. 

На прашање дали ЕУ размислува на подигнување на новото на трговски преговори, Шефчович одговори дека Европската комисија е во постојан контакт со Белата куќа, како и дека претседателската на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен имаше телефонски разговори со Трамп на оваа тема. 

Шефчович нагласи дека ЕУ останува отворена за уште поблиски канали за комуникација со други истомислечки партнери и за удвојување на напорите за отворање нови пазари и поттикнување на трговија базирана на правила.  

Расмусен од своја страна нагласи дека во услови на растечки протекционизам и геополитичка несигурност, поважно од кога било, е ЕУ да не му го сврти грбот на остатокот од светот, туку да продолжи да бара нови и алтернативни стратешки партнерства и да ги прошири и диверзифицира своите трговски односи.  

- На денешниот состанок министрите ја потенцираа важноста од забрзување на тековни билатерални трговски преговори. Мора да вложиме уште поголеми напори за да ја зголемиме трговијата со остатокот од светот, додаде Расмусен. 

Во тој контекст на Советот станало збор и за трговските преговори со Кина, која, како што рече Расмусен, иако е економски конкурент и системски ривал на Унијата, таа воедно е и партнер со кого треба да се одржи, а можеби дури и да се зголеми соработката.  

Шефчович, пак, истакна дека ЕУ треба да работи на ребалансирање трговските и инвестициски односи со Кина, за да обезбеди еднакви услови за игра и да ја донесе многу потребната предвидливост и сигурност. 

- Претстојниот самит меѓу ЕУ и Кина ќе биде важна можност да се разговара за овие прашања, вклучително и за реципроцитет во пристапот до нашите пазари, истакна Шефчович, додавајќи дека ЕУ е и ќе остане целосно обединета во одговорот на тековните предизвици.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата