Причините за пожарот се уште се утврдуваат, а до сега познато е само дека избувнал вчера попладне и бил ставен под контрола дури во 2 часот по полноќ. Првиот човек на Хонг Конг, Џон Ли за тамошните медиумите потврди дека наредил истрага, но додава дека приоритет е целосно гаснење на пожарот.
-Наредив на владините департмани и екипи да работат на разгледување на различните аспекти. Но, прв чекор е да изгасне пожарот. Втор чекор е да се спасат повредените, а третиот чекор е да се поддржат ранетите. Потоа ќе спроведеме истрага,- -Џон Ли – Управник на посебниот регион Хонг Конг.
Во операцијата за гаснење на пожарот биле вклучени над 128 против пожарни возила и околу 800 пожарникари, а биле затворени и главните автопати во близина на зградите. Меѓу загинатите има и еден пожарникар, а неколку од нив се повредени.
-Температурата внатре во зградите кои се зафатени се многу високи. Затоа, за нас е многу тешко да влеземе во зградата и да се качуваме нагоре за да се справуваме со пожарот и да ја продолжиме спасувачката операција,- -Дерек Армстронг Чан – Зам. Директор на противпожарна служба.
Дел од граѓаните кои живеат во зградите сведочат за брзото ширење на огнот, а некои од нив пред камерите на локалните медиуми открија дека се уште ги бараат блиските и роднините.
Мојата сопруга ја нема. Дали таа се обиде да побегне? –Да, се обиде. Кога започна пожарот, преку телефон и реков да бега. Но, кога го напуштила станот, ходникот и скалите биле исполнети со чад и било целосна темница, па немала друг избор освен да се врати во станот.
Добив порака околу 3 часот попладне дека кровот гори. Се ширеше многу брзо. Се започна од една зграда.
Бев излезен, добив неколку повици од семејството и се вратив назад. Слушнав од останатите жители дека алармот за пожар не работел.
Според проценките на властите во Хонг Конг, во станбениот комплекс живееле околу 5.000 лица, а седум од осумте згради во комплексот биле покриени со скелиња од бамбус и заштитна мрежа заради извршување градежни работи што се смета и за главна причина за брзото ширење на огнот.

