Откако американската морнарица отвори оган и заплени ирански товарен брод, од Иранското министерство за надворешни работи сметаат дека Вашингтон покажал несериозност да води било каков дипломатски процес и рекоа дека засега немаат во план да ги продолжат преговорите.
-Знаете дека Америка тврди дека ја поддржува дипломатијата, но во исто време презема одредени чекори што докажуваат дека Вашингтон не е сериозен во следењето на патот на дипломатијата. Му кажавме на пакистанскиот медијатор и јасно ставивме до знаење дека прекинот на огнот во Либан мора да биде вклучен. Потоа се соочивме со поморска блокада и видовте како Американците го нападнаа иранскиот брод и како го прекршија прекинот на огнот,- -Есмаил Багаи, портпарол на Министерството за надворешни работи на Иран.
Спроти тврдењата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран се согласил да ја запре програмата за збогатување на ураниум и да ги предаде постоечките резерви на САД, Иранските високи претставници остро се спротиставија на ова тврдење и рекоа дека за тоа воопшто и не се преговара. Доналд Трамп пак е на ставот дека на Иран му е понуден фер и разумен договор кој доколку не го прифатат, САД ќе ги срушат сите електрани и мостови во Иран.
-Тие немаат морнарица, немаат воздухопловни сили, немаат водачи, немаат ништо. Тоа е промена на режимот. Вие го нарекувате тоа присилна промена на режимот. Тие сакаа повторно да го затворат теснецот, како што правеа со години, но не можат да нè уценуваат. Ние заземаме цврст став, тие убија многу луѓе,- -Доналд Трамп, Претседател на САД.
Иако засега нема официјална потврда, според американските медиуми, американската делегација веќе патува за Исламабад, каде пак пакистанските медијатори ќе се обидат да го стават отворањето на теснецот како клучно прашање за продолжување на преговорите.

