„Иран ги прекрши правилата (на мировните преговори во Пакистан), претседателот Трамп одлучи да воведе поморска блокада. Ние, секако, ја поддржуваме оваа цврста позиција и сме во постојана координација со САД“, рече Нетанјаху на состанок на кабинетот, според видео изјава од неговата канцеларија, објавена од Гардијан.
Трамп претходно објави дека САД ќе ги блокираат бродовите што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа почнувајќи од денес во 10:00 часот источно време (16:00 часот централноевропско време).
Централната команда на САД (CENTCOM) соопшти дека блокадата ќе се однесува на сите бродови што влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа и крајбрежните области, вклучувајќи ги пристаништата во Персискиот Залив и Оманскиот Залив, и ќе се спроведува без оглед на земјата на потекло на бродот.
На бродовите што не се упатуваат кон иранските пристаништа ќе им биде дозволено слободно поминување низ Ормутскиот теснец.
Одлуката на САД доаѓа како одговор на блокирањето на Ормутскиот теснец од страна на иранските сили кратко по почетокот на војната на 28 февруари, забранувајќи им на повеќето бродови да го користат водниот пат преку кој се одвива околу 20 проценти од светската трговија со нафта и природен гас.

