„Нашата проценка е дека во рок од неколку дена нема да имаме друг избор освен целосно да прекинеме со огнот во Либан“, изјави висок израелски политички извор за Канал 12 по состанокот на кабинетот што заврши доцна синоќа, објави „Тајмс оф Израел“.
Медиумот објави дека САД вршат притисок врз Израел да се согласи на привремен еднонеделен прекин на огнот, што наводно би помогнало во разговорите меѓу Израел и Либан поддржани од САД, како и во напорите на Вашингтон да постигне договор со Иран за прекин на војната во таа земја.
Извори од Хезболах и либанската влада изјавија дека напорите за постигнување прекин на огнот се во тек.
Состанокот на кабинетот за безбедност, со кој претседаваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, заврши без одлука. Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека денеска ќе се одржи состанок меѓу лидерите на Израел и Либан, додека Либан објави дека не е запознаен со тоа.
„Либан не е запознаен со никаков претстоен контакт со Израел“, изјави за Би-Би-Си неименуван функционер од претседателската канцеларија на земјата.

