Амбасадорот на САД во Турција и специјален пратеник за Сирија, Томас Барак, при посетата на Либан на 19 јуни, побара разоружување на Хезболах и либанските власти да имаат монопол над оружјето.
По завршувањето на војната помеѓу Израел и Хезболах во ноември 2024 година, либанските власти тврдат дека ја отстрануваат воената инфраструктура на Хезболах. Но, Израел продолжи со нападите врз цели на Хезболах и ја обвинува либанската Влада дека не прави доволно за разоружување на групата.
Според неименуваниот либански извор, Бејрут ќе побара да прекине израелското кршење на примирјето, повлекување на израелската армија од јужниот дел на Либан, ослободување на затворениците и демаркација на границата.
Договорот за прекин на огнот предвидува Хезболах да ги повлече своите сили и да ја отстрани целата воена инфраструктура јужно од реката Литани, на околу 30 километри од израелската граница. Додека Израел треба да ги повлече своите сили од либанска територија, но да задржи пет гранични пунктови што ги смета за стратешки.