Христодулидис, Макрон и Мицотакис од Кипар испратија порака на солидарност и обединетост – европската мисија е само одбранбена

9.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Христодулидис, Макрон и Мицотакис од Кипар испратија порака на солидарност и обединетост – европската мисија е само одбранбена

Кога некој го напаѓа Кипар, ја напаѓа Европа, порача францускиот претседател Емануел Макрон по трилатералната средба со кипарскиот претседател Никос Христодулидис и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кои од своја страна ја нагласија важноста на европската безбедност, но и повторија дека сите европски постапки и дејствија се одбранбени, јави дописничката на МИА од Атина.

Лидерите на Кипар, Франција и Грција, од воената база во кипарскиот град Пафос, испратија порака на солидарност, обединетост и поддршка за Кипар, по нападот со беспилотно летало врз британските воени бази минатата седмица.

Со оглед на тоа што Атина и Париз експресно реагираа и испратија воена помош за Никозија, кипарскиот претседател им се заблагодари истакнувајќи дека тоа е од суштинско значење за Кипар и суштинско значење за цела Европа, а паралелно изрази благодарност и до Шпанија и до Италија, нагласувајќи дека четирите земји, „одлучно покажуваат што значи во пракса европската солидарност“.

Христодулидис посочи дека е јасна е пораката дека „безбедноста на Кипар значи безбедност на Европа“, но и дека значи „колективна одговорност“, уште еднаш нагласи дека позицијата на земјата е јасна и „не се вклучуваат во никаква воена операција“ и остануваат посветени единствено на хуманитарната улога.

- Грција, Франција и Кипар испраќаат порака дека Европа стои обединета и одлучна да ја гарантира безбедноста на своите земји-членки во поширокиот регион на Медитеранот и на Блискиот Исток. Во вакви моменти, единството не е само принцип, вредност, тоа е силата на Европа, порача Христодулидис.

Францускиот претседател изрази солидарност и поддршка за Никозија, потсети дека веќе испратија фрегата и систем за воздушна одбрана, а носачот на авиони Шарл де Гол плови кон Кипар.

Се осврна на стратешките договори и односи што ги имаат трите земји, посочи дека тоа што тројцата лидери се заедно на островот, „ја покажува важноста на стратешкиот однос“.

- Нашата волја е да покажеме дека сме со вас за безбедна заштита и на европските граѓани, посочи Макрон и уште еднаш нагласи дека „нашата позиција треба да остане одбранбена“.

Се осврна и на важноста да се гарантира безбедноста на слободната пловидба, нагласи дека француското присуство ќе продолжи во Медитеранот и најави две француски фрегати во рамките на европската операција Аспидес, што ќе ги придружуваат танкерите и товарните бродови во Црвеното море.

Нагласи дека внимателно ја следат целата ситуација, а она што е неопходно е да постои деескалација.

Грчкиот премер од своја страна порача дека „Грција уште од самиот почеток како приоритет ја постави безбедноста на Кипар“, која како што нагласи е „фактор на стабилност во целиот Источен Медитеран“.

-Од овде испраќаме заедничка, јасна, гласна и решителна порака на единство и солидарност. Јасна порака дека Кипар, како дел од европското семејство, не е и никогаш нема да биде сам, порача Мицотакис.

Додаде дека „секоја педа европска територија е неприкосновена“, но и дека потезите се „исклучиво одбранбени, далеку од каква било воена вмешаност“ со една единствена цел „одбранбено зајакнување на земја-членка која се соочува со закана.“

Тројцата лидери се осврнаа и на можните последици што ќе постојат во енергетиката, економијата, како и миграцијата. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата