Тројцата мажи беа прогласени виновни и одговорни за смртта на двајца припадници на безбедносните сили во главниот град Техеран. Обвиненијата вклучуваа убиство и „оперативни активности“ поврзани со САД и Израел.
Смртните казни во Иран најчесто се извршуваат со бесење.
Немирите во Иран започнаа кон крајот на декември поради економската криза, но прераснаа во политички протести против авторитарниот систем на Исламската Република. Безбедносните сили одговорија жестоко, при што загинаа илјадници демонстранти.
Иранското судство од јануари почна да покренува обвиненија, давајќи приоритет на случаите поврзани со „демонстрациите“. Обвиненијата содржат и формулации „водење војна против Бога“, прекршок за кој може да биде изречена и смртна казна.
Првиот човек на судството во Иран, Голам-Хусеин Мохсени-Еџеи, побара одмазда за загинатите припадници на полицијата и на безбедносните сили и истакна дека оние кои нападнале полиција или безбедносни објекти треба први да бидат изведени пред лицето на правдата.
Организациите за заштита на човековите права веќе од поодамна упатуваат критики до властите во Иран дека смртната казна ја користат како средство за заплашување. Според нивни податоци, само минатата година во Иран биле извршени повеќе од две илјади смртни казни, што е најголем број последните децении.

