Додека Иран на масовен погреб се збогуваше со еден од највлијателните Иранци, вчера убиениот шеф на националната безбедност Али Лариџани, Израел соопшти дека е ликвидиран и првиот човек на иранското разузнавање, иранскиот министер Есмаил Хатиб.

Освен за задушување на антивладините протести, Израел го означи и како мозок на тајните операции насочени против израелски и американски цели во светот.
-Во текот на ноќта е елиминиран и иранскиот министер за разузнавање, Хатиб. На овој ден се очекуваат значајни изненадувања на сите полиња што ќе ја ескалираат војната што ја водиме против Иран и Хезболах во Либан. , изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.
И наспроти дузината атентати на клучните ирански функционери, Техеран тврди дека тие не можат да ја разнишаат цврстата политичка структура, ниту да ја дестабилизира земјата.
-Не знам зошто Американците и Израелците се уште не ја разбрале поената. Исламската Република Иран има силна политичка структура со воспоставени политички, економски и социјални институции. Присуството или отстуството на една личност не влијае на структурата. , изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Ликвидациите од вчера покренаа серија одмазнички напади на Иран. Дубаи, Катар, Кувајт, Ирак, Бахреин, Саудиска Арабија пријавија дека биле мета на ирански дронови.

Тешка ноќ имаше и Тел Авив, каде според информациите, Иран освен ракетите Хорамшахр и Кадр, користел и касетни боеви глави, кои се исклучително тешки за пресретнување. Со синоќешните две, бројот на жртви во Израел се искачи на 13.
-Станбена заедница повторно беше мета на ирански ракетен напад. Првичните проценки се дека се работи за муниција од касетна ракета. Покривот се урна врз повозрасна брачна двојка во нивниот стан. , изјави Дин Есдун, портпарол на полицијата во Тел Авив.
Израел возврати врз Иран и јужен Либан. Најмалку 12 луѓе загинаа во воздушниот напад врз повеќекатница во Бејрут, која се урна како кула од карти. Бројот на жртви во земјата се искачи на речиси илјада. Трамп ja продолжува вербалната војна против НАТО сојузниците, кои останаа неми на повиците да се вклучат со бродови во Ормускиот теснец. Не исклучи можност и за повлекување од Алијансата.
Мислам дека НАТО прави многу глупава грешка, а јас долго време го кажувам тоа, се прашувам дали НАТО некогаш ќе ни помогне. Ова беше одличен тест, зашто нам не ни треба (НАТО), но требаше да помогне.
-Тоа, секако, е нешто за што треба да размислиме. Не ми е потребен Конгресот за таа одлука. , изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Трамп повторно порача дека војната на Блискиот Исток наскоро ќе заврши, без да прецизира кога.

