Израел повторно ќе го отвори преминот Рафа откако ќе заврши потрагата по останките на последниот заложник

26.01.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Израел повторно ќе го отвори преминот Рафа откако ќе заврши потрагата по останките на последниот заложник

Кабинетот соопшти дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) моментално вршат потрага по останките на Ран Гвили.

„По завршувањето на оваа операција, и во согласност со она што е договорено со САД, Израел ќе го отвори преминот Рафа“, соопшти кабинетот на Нетанјаху на X.

Очевидци известија дека израелските војници спроведуваат операции за пребарување во областа Ал-Саитун во градот Газа, пренесува германската агенција.

Израелски извори изјавија дека областа за пребарување се протега до гробишта во близина на таканаречената Жолта линија. Оваа линија го дели Појасот Газа на дел контролиран од израелската војска и дел без присуство на израелската војска.

Претходно, портпаролот на Бригадите Касам, военото крило на милитантниот палестински Хамас, објави дека Хамас им ги обезбедил на медијаторите во мировниот процес во Газа сите потребни информации за лоцирање на телото.

Израелските вооружени сили сега ги пребаруваат локациите споменати во оваа информација, изјави портпаролот на Касам, Абу Обеида.

Гвили, 24-годишен граничен службеник, беше убиен за време на нападите предводени од Хамас на 7 октомври 2023 година, кои ја предизвикаа војната во Газа, потсетува ДПА.

Израел ја постави репатријацијата на неговото тело како услов за влез во втората фаза од мировниот договор со посредство на американскиот претседател Доналд Трамп.

Кабинетот на Нетанјаху соопшти дека повторното отворање на преминот е „условено со враќањето на сите живи заложници и 100 отсто напор од страна на Хамас да се лоцираат и вратат сите починати заложници“.

„Ограниченото повторно отворање ќе биде подложно на целосен израелски механизам за инспекција“, додаде тој.

Преминот, во близина на јужниот град Рафа, што ги поврзува Газа и Египет, е затворен речиси една година, бидејќи Израел продолжува да го ограничува пристапот до крајбрежниот појас разурнат од војна и покрај прекинот на огнот што е во сила од октомври минатата година, потстува ДПА. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата