Интимна дилема на новата генерација Иранки – „Не сакам дете во ваков свет“

3.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Интимна дилема на новата генерација Иранки – „Не сакам дете во ваков свет“

 Ова едноставно прашање крие многу повеќе од одлуката за раѓање деца - покренува дилема за начинот на живот, личната слобода, женскиот идентитет и насоката во која се движи земјата, особено сега, кога целиот регион се соочува со нов бран на нестабилност поради војната на Блискиот Исток.

Економијата е проблем, но не е единствен

Економската состојба во Иран и понатаму останува исклучително тешка: инфлацијата е висока, трошоците за станување - недостижни, а безбедноста на работното место е сè полоша. Просечната возраст за влегување во брак расте, додека стапката на пораст на населението падна на најниско ниво за половина век.

Војната на Блискиот Исток дополнително го засилува чувството на небезбедност. Многу млади парови, и оние образованите и финансиски стабилни, велат дека неизвесноста во регионот дополнително ги оддалечува од идејата за родителство. „Како да планирате дете кога не знаете каков ќе биде светот за пет години?“ сè почесто се слуша во иранските градови.

Слобода или мајчинство

„Ги сакам децата, но да имам свои? Не. Тоа нема да бидам јас. Не би можела да патувам, да читам до доцна или да учам нови работи“, вели Сахар, 35-годишна професорка од Исфахан, за Агенцијата Вана. Чувството не е невообичаено - а сега, покрај личните причини, се надоврзува и политичката тензија.

За постарите генерации, семејството значеше безбедност, чест и стабилност. Денес, среде социјални и регионални тензии, семејните обврски за многу млади луѓе се дополнителен товар. Многу парови стравуваат дека родителството во нестабилни времиња може да биде извор на дополнителна грижа, а не заштита.

Наргес, информатичарка од Техеран, вели: „Мајка ми секогаш ме прашува кога ќе имам дете. Но, никој не ме прашува дали сакам дете во свет кој од ден на ден е сè помалку безбеден.“

Закони постојат, но само на хартија

Иран воведе низа мерки за поттикнување на наталитетот во последниве години, но нивното спроведување е слабо. Придонесите за мајчинство се одложуваат, градинките се премногу скапи, а работодавците често избегнуваат да вработуваат мажени жени или мајки.

Во време на регионален конфликт и економски санкции, системот за поддршка на семејството е уште покревок. Многу ирански жени велат дека мајчинството би значело изолација, губење на независноста и дополнителен стрес во земја каде што секојдневниот живот е веќе оптоварен со политичка и економска нестабилност.

Искуства на други земји

Другите земји, како што се Узбекистан и Јапонија, се обидоа да одговорат на демографските предизвици со системски инвестиции. Покрај градинките, флексибилното работно време и реална финансиска поддршка, тие го променија и културниот став кон семејството.

Но, експертите предупредуваат: големи демографски промени тешко се постигнуваат во средина на постојана регионална нестабилност. Војните, санкциите и политичките тензии силно влијаат врз одлуките за родителството - не само во Иран, туку и низ целиот свет.

Што може да направи Иран?

Прашањето можеби не е само „што треба да направи Иран“, туку и што воопшто може да се промени додека земјата се наоѓа во осетлива геополитичка ситуација.

За родителството повторно да стане реална и привлечна опција, потребно е да се редефинира мајчинството така што тоа не би значело губење на слободата, да се обезбеди реална поддршка за двајцата родители, а не само симболична, да се понудат постабилни услови за работа и живот, да се инвестира во градинки и безбедносни мрежи и да се зајакне довербата на граѓаните во институциите.

Но, сите овие мерки веројатно нема да бидат ефикасни ако жените продолжат да чувствуваат дека мајчинството би значело губење на нивниот личен идентитет и на контролата врз нивните животи - особено во време на политички тензии и војна.

Иран денес се соочува не само со економска криза, туку и со подлабоко прашање за смислата довербата. Одлуката за немањето деца, иако лична, стана одраз на колективен страв и несигурност. Ако овој аларм се сфати сериозно, тој би можел да го означи почетокот на ново, похумано разбирање на семејството во современата ера - но дури кога ќе се создадат услови во кои родителството повторно ќе делува како избор, а не како товар.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата