Густ чад и видлив пламен се издигаа од зградата, додека илјадници луѓе се собраа во близина, пркосејќи на полицискиот час воведен по вчерашната пукотница, што дополнително го разгоре гневот на граѓаните кон владата.
За време на денешните протести во Непал, уште едно лице беше убиено, со што вкупниот број на жртви се искачи на 22. Меѓу нив, 19 лица беа убиени синоќа.
Nepal’s burning parliament is a lesson for all rulers: when people hold their oppressors accountable, even the grandest palaces are reduced to ruins. There is still time—give Punjab its rightful due#Nepal pic.twitter.com/srfQkONOwF
— Pallvai sinha (@SPullvi) September 9, 2025
Директорот на Државната болница изјави за Би-Би-Си дека 209 лица биле примени за време на денешниот протест. Раководителот на Националниот центар за траума, д-р Бадри Риџал, рече дека речиси 40 повредени лица биле донесени во таа болница.
Пламен и чад се видени во зградата Синга Дурбар, во која се сместени парламентот и седиштето на владата, а големи толпи луѓе се упатија кон комплексот. Во Катманду штотуку помина 20 часот, а протестите против владата сè уште го тресат непалскиот главен град.
Сето ова се случува откако премиерот КП Шарма Оли денеска поднесе оставка поради брановите протести што се шират низ целата земја.
Оли немаше друг избор освен да се повлече бидејќи протестите се шират, а гневот на граѓаните не стивнува
Протестите започнаа откако беше воведена забраната за социјалните медиуми. Владата оттогаш ја укина забраната, но земјата е сè уште во шок бидејќи 19 лица загинаа вчера, а уште двајца се убиени во денешните судири.
Меѓународниот аеродром Трибхуван во Катманду е целосно затворен додека протестите продолжуваат да растат.
Протестите во Непал се без преседан и одразуваат длабоко незадоволство од политичката елита во земјата. Гневот на граѓаните е видлив во нападите врз куќите на министрите и другите политичари, кои беа срушени и запалени, а некои функционери побараа заштита од безбедносните сили.
Протестите сè уште немаат јасно формулирани барања, освен општ повик за борба против корупцијата. Се чини дека се спонтани и без организирано водство. Премиерот КП Шарма Оли поднесе оставка, но во моментов нема јасен наследник на привремената влада, па затоа во земјата постои политички вакуум.
Безбедносните претставници и бирократите повикуваат на смиреност, додека политичкото раководство се повлече. Војската, која ужива одреден углед, би можела да помогне во враќањето на редот, иако не е склона да ја преземе улогата на полицијата и безбедносните служби.
Непал смени дури 14 премиери од 2008 година, а постојаната борба за власт и менувањето на партиските сојузи длабоко ги разочараа граѓаните, особено младите.
Сегашниот приоритет е враќањето на редот и стабилноста, но без јасно раководство, понатамошниот развој на ситуацијата е целосно неизвесен, пишува анализата на Би-Би-Си.