Фицо: Не очекувам војната набргу да заврши, словачките војници нема да одат во Украина

7.09.2025
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Фицо: Не очекувам војната набргу да заврши, словачките војници нема да одат во Украина

„Доста сум песимист во врска со брзото завршување на војната во Украина“, рече Фицо во емисијата „Саботни дијалози“ на словачката телевизија STVR.

Сепак, како што изјави, првиот чекор кон мирот е на Украина јасно да ѝ се каже „НЕ“ во врска со нејзиното можно влегување во НАТО.

„Ако јасно кажеме дека Украина нема да биде во НАТО, тогаш тоа е првиот предуслов за завршување на војната во Украина“, нагласи Фицо.

Според него, Украина е измамена од сите оние кои зборуваат за нејзиното можно влегување во алијансата.

„Русија беше измамена по ова прашање. Украинскиот претседател Володимир Зеленски беше излажан и од сите што му ветија членство во НАТО“, додаде Фицо.

Словачка, нагласи тој, исто така сака да учествува во безбедносните гаранции за Украина, но сепак одбива да испрати војници во Украина.

„Словачката Република нема да распореди војници во Украина. Сепак, можеме да помогнеме во спроведувањето на безбедносните гаранции, на пример, логистички. Зборувам за логистика, како што е користењето на транспортните патишта“, рече Фицо.

Словачкиот премиер, исто така, рече дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да разговара со Зеленски.

„Ако не преговараат, војната ќе продолжи. Гледам дека не сакаат да се сретнат, но чувствуваат дека ќе мора да се сретнат“, рече Фицо, додавајќи дека американскиот претседател Доналд Трамп е најдобриот кандидат за посредник во мировните преговори меѓу украинскиот и рускиот претседател.

Фицо истакна дека Словачка останува отворена за дијалог и поддршка за европската интеграција на земјата.

„Членството на Украина во ЕУ ќе ѝ помогне на Унијата како целина. „Му кажав на претседателот (на Украина) Володимир Зеленски дека секогаш сме подготвени да разговараме за тоа, но со исполнување на сите услови што се очекуваат од секоја земја-кандидат“, рече Фицо.

Според него, Украина пред сè ќе мора да биде внимателна со големите земји од унијата кога ќе се приклучи на ЕУ, „бидејќи тие ќе создадат вештачки пречки за влез на Украина во ЕУ“.

Фицо се сретна со Зеленски во петокот во градот Ужгород, во близина на словачко-украинската граница. Како што изјави, разговорот бил „конструктивен, но тежок“, но во исто време, „беше подадена рака за подобрување на меѓусебните односи“.

„Дури и ако имаме различни мислења, треба да разговараме. Ако не разговараме и ги криеме главите во песок, само ќе ја продлабочиме оваа криза. Наша должност е да направиме сè што е можно за да се осигураме дека две земји што живеат една до друга добро соработуваат“, додаде Фицо.

Несогласувањата, објасни тој, се појавиле во врска со нападите врз енергетската инфраструктура и снабдувањето со руски енергетски производи преку украинска територија.

„Воопшто не се разбиравме по темата напади врз нафтената инфраструктура. Г-дин Зеленски ми рече дека кога Русија напаѓа инфраструктура во Украина, тие имаат право да напаѓаат инфраструктура на руска територија. Па, во ред, но тогаш тие ни штетат и нам“, нагласи Фицо.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата