Европски адвокатски здруженија: Нападите на Трамп врз адвокатите во САД се пат кон фашизам

3.04.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Европски адвокатски здруженија: Нападите на Трамп врз адвокатите во САД се пат кон фашизам

Неколку адвокатски здруженија во Европа ги предупредија Американците дека нападите на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп врз адвокатите се „пат кон фашизам“, велејќи дека тие наликуваат на она што се случи во нацистичка Германија.

Во пораката „Пријател на судот“ (Amicus Curiae), која вчера ја доставија до американскиот суд, европските адвокати наведоа дека наредбите на администрацијата на Трамп „се исти како и постапките на властите во нацистичка Германија во 1930-тите и во денешна Русија“, објавува бриселскиот портал „ЕУобзервер“ (EUobserver).

„Историјата покажува дека укинувањето на правните професии е и симптом и алатка за колапс на демократијата“, наведоа здруженијата на адвокати во Европа, со оценка дека декретите на Трамп „предизвикуваат загриженост“.

Пораката ја потпишаа членовите на здружението, кое обединува околу еден милион адвокати од Белгија, Франција, Германија, Финска, Шпанија, Шведска, Полска, Швајцарија, Велика Британија и Литванија.

Нивната реакција дојде откако американската Влада минатата година воведе санкции врз компании и тела што ги претставуваа политичките противници на Трамп, што доведе до губење на безбедносните гаранции, одбивање на пристап до федералните институции и службеници и губење на договорите со владини институции, наведе „ЕУ обзервер“. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата