Бриселскиот меѓународен аеродром „Зевентем“ синоќа по вторпат беше затворен повеќе од час и половина поради забележан нов дрон, само неполн час откако водушниот сообраќај од и кон него беше возобновен по речиси едночасовен прекин, јави белгискиот јавен радиодифузен сервис на холандски јазик ВРТ.
„Зевентем“ првично беше затворен за сообраќај нешто пред 20 часот откако во воздушниот простор над аеродромот беа забележани три дрона. По нешто повеќе од еден час, околу 21, сообраќајот од аеродромот беше возобновен, но тој беше повторно прекинат нешто пред 22 часот.
Портпарол на авиокомпанијата „Бриселс Ерлајнс“, Нико Кардоне за ВРТ изјави дека биле откажани 16 летови од Брисел предвидени за синоќа.
- Тие летови нема да бидат реализирани вечерва, нагласи Кардоне.
Тој информира дека осум синоќешни летови кон Брисел биле преанасочени кон белгиските аеродроми „Остенде-Бриж“ и „Шарлероа-Брисел Југ“ или во Ајндховен во Холандија.
- Ситуацијата е предизвикувачка за сите на аеродромот. Сакаме да се грижиме најдобро што може за нашите патници, но малку можеме да направиме. Мораме да почекаме додека аеродромот повторно не биде отворен целосно, пред да можеме да ги продолжиме нашите операции, додаде Кардоне.
Белгискиот јавен радиодифузен сервис на француски јазик РТБФ информира дека за сообраќај бил затворен и аеродромот во Лиеж, исто така поради регистриран дрон во неговиот воздушен простор. Авионите што требало да слетаат на овој аеродром биле пренасочени кон Мастрихт или Келн.
Според белгиската Контрола на воздушниот сообраќај, засега нема докази дека постои некаква поврзаност меѓу дроновите регистрирани над аеродормите во Брисел и Лиеж.
По овие инциденти белгискиот министер за внатрешни работи Бернар Квинтан побарал од премиерот Барт де Вевер веднаш да го свика Советот за национална безбедност.
ВРТ јави и дека претходно вчера дронови биле регистрирани и над воените бази „Клајне-Брогел“ и „Флорен“.
Според полициски извори, утрото околу 6:30 часот граѓани пријавиле дека забележале шест дрона над воздухопловната база „Клајне-Брогел“.
Оваа база, во која се сместени припадници на силите на НАТО и се претпоставува дека во неа е складирано американско нуклеарно оружје, е во состојба на состојба на зголемена борбена готовност откако ан неа беа забележани дронови три ноќи по ред, од петокот, до неделата.
Во оваа база се стационирани белгиските ловци Ф-16, а од 2027 година таму треба да бидат лоцирани и новите борбени авиони Ф-35, што Белгија неодамна ги нарача од САД.
Во текот на вчерашниот ден дронови биле регистрирани и над воздухопловната база „Флорен“, каде се стационирани белгиски авиони-ловци.
Изминатиов период дронови беа регистрирани и над уште три белгиски бази.
Потеклото на овие дронови останува мистерија и иако сомнежите се насочени кон Русија, Министерството за одбрана на Белгија нема докази за да може да ги потврди овие претпоставки.

