Иако минаа осум дена од тој прв меч од полуфиналето во ЛШ, кој се одигра во Париз и кој заврши со победа на ПСЖ со 5:4, сеуште тој епски дуел е топ – тема во светот на фудбалот. Тогаш беше прикажан фудбал од некоја друга планета, сите што барем малку се разбираат во овој спорт веруваат дека тој меч беше најдобар во историјата.
Секако дека ќе биде премногу претенциозно и вечерва да се бара такво нешто од овие овие две екипи, но дека ќе биде спектакл на „Алијанц Арената“ во Минхен од 21 часот, во тоа нема сомневање.
Вечерва некаде после 23 часот ќе дознаеме која од овие две екипи ќе си закаже супер финале во Лигата на Шампионите против Арсенал на 30 мај на „Пушкаш Арената“ во Будимпешта.
И дефинитивно гостите ќе бидат ослабени со неиграњето на еден клучните играчи, Ашраф Хакими, додека домашните повторно нема да сметаат на Серж Гнабри.
Јасно е дека и овој меч нема да има “кочници“, ќе се игра на гол повеќе, таква е фудбалската идеологија на Винсент Компани и Луис Енрике. Јасно е дека може лесно да се случи да има продолженија на задоволство на неутралните фанови, па пеналите да го одлучат победникот на овој епски и историски двомеч, и јасно е дека кој и да оди во финалето нема да биде незаслужено, а таму против Арсенал ќе биде фаворит, барем на хартија.
Винсент Компани ќе ја игра својата класична формација 4-2-3-1, а од Баварците се очекува да бидат исклучително агресивни. Клучна фигура во средниот ред ќе биде Џошуа Кимих, кој ќе треба да ја насочува играта и да го „храни“ Хари Кејн со додавања. Од другата страна, Луис Енрике ќе користи формација 4-1-2-3, потпирајќи се на брзи транзиции. Тактичката анализа покажува дека Баерн ќе се обиде да притиска високо и да создава ситуации за Мајкл Олисе „еден против еден“, додека ПСЖ ќе бара простори зад себе. Фокусот ќе биде на Хари Кејн, кој има импресивни 13 гола оваа сезона во ЛШ.
Неговата битка со капитенот на ПСЖ, Маркињос, ќе биде одлучувачка за исходот од натпреварот. Кејн не е само најдобар стрелец, туку и главен конструктор на напади со 6 создадени чисти шанси за гол. Одбраната на Баерн, предводена од Дајон Упамекано, ќе има тешка задача да го запре Квича Кварацкелија. Грузиецот е во одлична форма со 10 гола и 5 асистенции во кампањата, а во првиот натпревар постигна два гола. Мајкл Олисе исто така ќе биде под лупа, кој веќе има 5 гола и 7 асистенции, станувајќи главно оружје на Баварците на крилната позиција во одбраната преку Кварадона и Дембеле.

