Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, го нарече денешното мега – дерби против Манчестер Сити, како совршен барометар за мерење на напредокот и моменталната состојба на неговиот тим.
Слот е нетрпелив да види како неговите играчи ќе се справат со предизвикот да се соочат со еден од најдобрите тимови во светот во однос на поседувањето на топката. Холанѓанецот нагласи дека овој натпревар ќе го покаже вистинскиот развој во играта на “Редси“.
„Затоа сум толку заинтересиран да видам против можеби најдобриот или еден од најдобрите тимови во поседување на топката, дали можам да го видам овој напредок во нашата работа без топката“, рече Слот. Тренерот посвети посебно внимание на една клучна компонента во која бара подобрување – пресингот. Тој направи директна споредба помеѓу перформансите на тимот во овој аспект минатата сезона и оваа сезона, препознавајќи значителен напредок.
„Минатата сезона нашиот пресинг беше многу подобар отколку на почетокот на оваа, но гледам добар развој. Нашите играчи се способни да трчаат повеќе, да притискаат повеќе и подобро и да го комбинираат тоа со одговорност во одбраната“, коментираше тој.
Слот, исто така, се присети на претходен натпревар во кој не беше задоволен од интензитетот на својот тим:
„Тие ја имаа топката многу повеќе отколку што сакавме, се мачевме да ја извлечеме од нашата половина. Тие дури и не создадоа многу шанси, но на полувреме беше 2-0, а имаа и промашен пенал. Не бев задоволен од интензитетот на нашиот пресинг.“
И покрај тешкотиите, Арне Слот е убеден дека сегашниот состав на Ливерпул сè уште има многу потенцијал за развој.

