Одбележување на Светскиот ден на спиењето под слоганот „Спиј добро, живеј подобро“

13.03.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Одбележување на Светскиот ден на спиењето под слоганот  „Спиј добро, живеј подобро“

Близу една третина од возрасната популација има некаква форма на нарушување на спиењето, што може негативно да влијае на когнитивните функции, емоционалната благосостојба, квалитетот на животот и работната продуктивност, предупредуваат експертите по повод кампањата за Светскиот ден на спиењето.

Овагодишното одбележување е посветено на поврзаноста меѓу спиењето и кардиоваскуларните болести. Многубројни истражувања покажуваат дека хроничниот недостаток на сон, несоницата и опструктивната апнеја при спиењето можат да го зголемат ризикот од артериска хипертензија, коронарна болест на срцето, срцев удар и срцеви аритмии.

Иако спиењето често се доживува како нешто сосема природно и едноставно, тоа претставува исклучително сложен и динамичен биолошки процес кој е од пресудно значење за здравјето на човекот. За време на животот, човек во просек поминува речиси една третина од времето спиејќи, што јасно покажува колку е важен сонот за правилно функционирање на организмот. Слично како храната, водата и воздухот, сонот е една од основните биолошки потреби и неопходен услов за живот.

Додека спиеме, нашиот организам не мирува - во тој период се одвиваат бројни процеси на обнова и регенерација. Мозокот обработува и складира информации, се зајакнуваат механизмите за учење и паметење, се регулира лачењето на хормоните, а имунолошкиот систем станува поефикасен во борбата против инфекции.

Научните докази укажуваат дека квалитетниот сон е од суштинско значење за физичкото и менталното здравје. Доволната количина квалитетен сон придонесува за зачувување на здравјето, ја зголемува отпорноста на организмот и го подобрува расположението, концентрацијата и работната способност. Наспроти тоа, хроничниот недостаток на сонот или неговиот лош квалитет може да го зголеми ризикот од бројни здравствени проблеми, вклучувајќи ја дебелината,

дијабетесот, кардиоваскуларните болести, како и нарушувања на расположението и когнитивните функции. Поради тоа, денес сонот се препознава како еден од трите значајни фактори за здрав начин на живот, заедно со правилната исхрана и редовната физичка активност. Грижата за квалитетен сон претставува важен чекор кон зачувување на здравјето, подобро функционирање во текот на денот и вкупениот квалитет на животот.

Здравиот сон е оној кој го обновува човекот и му дава енергија - да се чувствува буден, динамичен и енергичен во текот на целиот ден. Потребата за повеќечасовното спиење е во голема мера генетски предодредена, но многубројни истражувања покажуваат дека просечното траење на спиењето неопходно за возрасна личност изнесува меѓу 7 и 8 часа непрекинат сон.

Светскиот ден на спиењето претставува меѓународно признат настан кој го организира Светската организација за спиење, со цел да се подигне свеста за значењето на здравиот сон. Овој ден ги поврзува истражувачите, здравствените работници, пациентите и пошироката јавност во заеднички активности и напори за подобро разбирање на значењето на квалитетниот сон за зачувување на здравјето и благосостојбата.

Светскиот ден на спиењето се одбележува во петок пред пролетната рамноденица. Датумот варира секоја година, но обично паѓа средината на март. Датумот се избира така што се совпаѓа со пролетната рамноденица, што укажува на важноста на редовниот и урамнотежен образец на спиење, сличен на рамномерната должина на денот и ноќта за време на рамноденицата. Во 2026 година Светскиот ден на спиењето се одбележува во петок, 13 март, под слоганот „Спиј добро - живеј подобро“. 

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата