Копривата, растение кое повеќето сè уште го доживуваат како обичен коров, сè почесто добива ново место во земјоделството.
Со растечката побарувачка за здрава храна, природни препарати и органско производство, стручњаците оценуваат дека оваа самоникната билка би можела да прерасне во сериозна пазарна култура.
Иако расте речиси насекаде, преминот од берење во природа кон организирано производство бара многу повеќе од собирање – клучни се контролата на квалитетот, стандардизацијата и правилното управување со одгледувањето.
Каде да се одгледува?
Стручњаците истакнуваат дека за пазар се препорачува одгледување од расад или ризоми, бидејќи овозможува подобра контрола на квалитетот и рамномерен развој на растенијата.
Копривата најдобро успева на почви богати со азот, со умерена влажност и делумна сенка, а во поинтензивно производство се препорачува и систем за наводнување „капка по капка“.
Една од клучните предности на копривата е нејзината способност за брзо обновување. Во повеќегодишни насади можно е да се постигнат од шест до осум косења годишно, што овозможува континуитет во производството.
Токму оваа карактеристика ја прави интересна за производители кои бараат стабилен извор на суровина.
![]()
Фото: Michael Schwarzenberger / Pixabay
Пецкањето исчезнува при обработка
Препознатливото чувство на пецкање при допир со копривата го предизвикуваат ситни жарни влакненца кои содржат супстанции како хистамин и ацетилхолин.
Сепак, овој ефект исчезнува по термичка обработка, па копривата безбедно се користи во исхраната – најчесто во чорби, пити и чаеви, но и како додаток во различни производи.
Лековитите својства сè повеќе во фокус
Копривата има долга традиција во народната медицина, но сè повеќе се користи и во современата фитотерапија.
Богата е со витамини и минерали, а најчесто се користи за:
-зајакнување на имунитетот
-подобрување на крвната слика
-детоксикација на организмот
-поддршка на работата на бубрезите
Покрај тоа, екстрактите од коприва сè почесто се користат во козметиката, особено во препарати за коса и кожа.
Ризици кај самоникната коприва
Иако е лесно достапна, копривата од природата може да претставува ризик за потрошувачите.
Стручњаците предупредуваат дека растението може да апсорбира штетни материи од околината, особено ако расте покрај сообраќајници или во близина на индустриски зони. Исто така, може да содржи зголемени количини на нитрати, што влијае на нејзиниот квалитет.
Затоа, за посериозно производство сè повеќе се препорачува контролирано одгледување.
Клучот на заработката е во преработката и квалитетот
Најголемата вредност на копривата не е во суровата билка, туку во нејзината преработка.
Сушената коприва, прашокот, екстрактите и готовите производи постигнуваат повисока цена на пазарот, додека стандардизацијата и контролата на квалитетот се основа за сериозен пласман.
Фото: Silvia/ Pixabay

