Во иницијативата доставена до ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање се посочува дека станува збор за значаен воден локалитет со висока природна, еколошка и водоснабдителна вредност, сместено во чувствителен регион со богата биолошка разновидност. Исто така се истакнува дека просторот околу изворите во последните години е под засилен урбанистички притисок, што претставува ризик за квалитетот на водата и еко-системите.
Иако водата од изворите со децении се користи за водоснабдување на Охрид, досега не се воспоставени законски предвидените санитарно-заштитни зони, се додава во документот.
Со иницијативата се бара од Министерството да покрене управна постапка, да иницира изработка на хидрогеолошка и санитарна студија и да ги вклучи во процесот Општина Охрид и релевантните институции.
Воедно, од Министерството за здравство се бара да изготви стручно мислење за потребата од воспоставување санитарно-заштитни зони од аспект на заштита на јавното здравје.
По обезбедување на потребните мислења, предлогот би бил доставен до Владата, за и формално утврдување на зоните.
Активистите на „Охрид SOS“ како подносители наведуваат дека иницијативата има за цел заштита на водните ресурси, зачувување на биолошката разновидност и унапредување на здравјето на населението.
