Дарија Боризовска и Сара Милковска од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје меѓу финалистите на Европскиот квиз за пари 2026

22.05.2026
vesnik-fb-blue
vesnik-twitter-blue
Дарија Боризовска и Сара Милковска од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје меѓу финалистите на Европскиот квиз за пари 2026

Нашите претставници на Европскиот квиз за пари, ученичките Дарија Боризовска и Сара Милковска од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, под менторство на наставничката Билјана Ниновска, учествуваа на финалето на овој престижен меѓународен натпревар за млади во областа на финансиската писменост. Финалниот натпревар се одржа на 19 мај 2026 година во Брисел, Белгија, во организација на Европската банкарска федерација (ЕБФ) според дводневна програма и вклучуваше бројни активности насочени кон меѓусебно запознавање и поврзување на тимовите.

Првото место го освои тимот од Грција, второто место им припадна на претставниците од Латвија, додека третото место го освои тимот од Италија.

За прв пат оваа година, во рамки на финалниот настан беше организиран и посебен натпревар за наставниците/професорите – ментори, кои се натпреваруваа истовремено додека траеше финалето на квизот. Особено сме горди што наставничката Билјана Ниновска го освои второто место на овој натпревар, постигнувајќи одличен резултат и потврдувајќи го високото ниво на знаење и посветеност.

Иницијативата, започната од Европската банкарска федерација во 2017 година, има за цел да ги унапреди финансиските знаења кај младите и да придонесе кон создавање финансиски одговорна генерација. Оваа година на натпреварот учествуваа вкупно 30 земји: Албанија, Австрија, Бугарија, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Ирска, Италија, Латвија, Литванија, Луксембург, Малта, Норвешка, Полска, Португалија, Република Македонија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска, Турција и Украина.

© vesnik.com, правата за текстот се на редакцијата